ММС

Објавено на: 09/16/21 10:00 AM

Да не е дијаспората ќе трпиме за леб – Македонските печалбари за корона кризата испратиле 375 милиони евра во земјава

Македонските гастербајтери за време на корона кризата ги „поткрепиле“ своите роднини во земјава со 375 милиони евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека овие пари легнале на сметките на граѓаните кои имаат печалбар во странство во перидот од март лани заклучно со јуни годинава. Така за само шест месеци од годинава на име дознаки од странство кај роднини во земајва стигнале 137 милиони евра, што е за 20 милиони евра повеќе од истиот период лани, кога сумата била 117 милиони евра. За 16 години пак од 2005 година до сега печалбарите испратила околу 3 милијарди евра на своите најблиски дома.

За експертите парите кои печалбарите ги испраќаат во земјава се значајни за домашната економија. Влијаат врз намалувањето на сиромаштијата, но и врз распределбата на доходот, односно го намалуваат јазот меѓу богатите и сиромашните во земјава.Но сепак потенцираат дека овие суми се значајно поголеми и тоа за неколку пати од она што го смета официјалната статистика. Или во просек годишно во земајва се слеваат минимум половина милијарда евра од нашите печалбари во странство.

Податоците на Народната банка покажуваат дека лани вкупните дознаки од Македонци кои отишле на печалба во странство достигнале 262 милиони евра.

Најмногу пари пак за шесте месеци од годинава пратиле во мај речиси 29 милиони евра. Последниот месец за кој има статистика-јуни, во земајва од странство стигнале 24,5 милиони евра. По околу 25 милиони евра биле испратени и во март и април, а најслаби месеци биле јануари со 16,5  и февруари со 18,6 милиони евра.

Гледано пак по години, најмногу пари од дијаспората во земјава стигнале во 2015 година – 208,3 милиони евра, а најмалку во последните 16 години во 2005 година – 136,6 милиони евра.

(А.С.)

Фото: novamakedonija.com.mk


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1