ММС

Објавено на: 09/15/21 2:15 PM

Путин во изолација поради ковид – откриено и како се чувствува

Здравствената состојба на рускиот претседател, Владимир Путин кој мораше да се изолира бидејќи коронавирусот е потврден кај луѓе од неговото блиско опкружување, е одлична. Тој се чувствува добро – изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Пешков.

„Тој се чувствува добро и е совршено здрав“, изјави Пешков обраќајќи им се на новинарите – пренесува новинската агенција ТАСС.

Пешков додаде дека Путин ќе продолжи да работи. Тој вчера информираше дека ќе мора да се изолира бидејќи бил во контакт со личности од неговото блиско опкружување, кај кои е потврден коронавирусот.

„Неколку луѓе во моето опкружување се разболеа, а еден од тие вработени е личност која работи во моја непосредна близина“, изјави Путин.

„Разговарав со него цел ден претходно“, нагласи Путин додавајќи дека биле во многу близок контакт.

Тој објасни дека и контактот е вакциниран, но дека нивото на антитела почнало да опаѓа по што е повторно вакциниран и три дена подоцна се разболел. Рускиот претседател (68) претходно тврдеше дека е целосно вакциниран со Спутник В и ја опиша својата моментна ситуација како „природен експеримент“.

„Да видиме како Спутник В ќе работи во пракса“, истакна Путин и додаде дека тестовите покажале дека неговите антитела се високи.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1