ММС

Објавено на: 09/15/21 2:25 PM

За еден ученик родителите треба да издвојат 8.000 денари – Реформите на Царовска чинат половина плата, велат од ССМ

Ниту просечната плата, а ниту две минимални плати заедно не можат да ја стигнат најновата синдикална кошница што ја изработува месечно Сојузот на синдикати на Македонија.

Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во август се зголемени за 214 денари во однос на јули, покажуваат податоците. Тоа значи дека во август на едно четиричлено семејство за да ги покрие основните потреби му требале 34.342 денари, а доколку во семејството има барем еден ученик, тогаш трошоците се зголемуваат најмалку за осум илјади денари или во тој случај синдикалната кошница би изнесувала 42.342 денари. Ако семејството има двајца ученици, тоа се дополнителни 8.000 денари или 16.000 за двете деца, што е дури повисоко и од минималната плата во Македонија.

– Посебен товар за едно четиричлено семејство е почетокот на школската година за која податоците од МОН јавно ги изнесе министерката Мила Царовска на први септември во телевизиско гостување. Според овие податоци родителите треба да одвојат најмалку по околу 8.000 денари по дете кое посетува настава во основно или средно училиште. Според нив, во оваа сума влегуваат и трошоцитеза дигиталното образование, односно за таблет од 6.000 денари“, велат од ССМ.

За храна и пијалоци се одвојуваат  14.633 денари, а за домување 10.818 денари. За лична хигиена потребни се 2.382 денари, а за превоз минимум 2.529 денари. За културни активности минимум биле потребни 1068 денари, а за здравје 736 денари.

– Анализите на ССМ покажува дека трошоците за живот континуирано се зголемуваат, а платите стагнираат. Трошоците на живот се исто така динамични. Според податоците што ги објавува Државниот завод за статистика, најмногу пораст е забележан на храна и пијалоци со 1,5 проценти и тоа кај зеленчукот 15,8 проценти, сирењето и урдата 1,1 проценти, месото 0,9 проценти, лебот и житата 0,7 проценти и млекото исто така за 0,6 проценти итн.

Оттаму сметаат дека е оправдано нивното барање минималната плата да биде најмалку во висина од 60 проценти од просечната плата бидејќи две минимални плати не се доволни за да ја покријат синдикалната минимална кошница.

– Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците на живот и цени тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на Синдикалната минимална кошница. Ако само просечната плата расте, а минималната плата стагнира односно минимално се усогласува без да бидат прифатени забелешките на синдикатите, ќе имаме тренд на осиромашување на граѓаните, предупредуваат од ССМ.

(О.К.)

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1