ММС

Објавено на: 09/15/21 10:21 AM

Основната каматна стапка останува на ниво од 1,25 проценти, одлучи Народната банка

Основната каматна стапка останува на ниво од 1,25 проценти, одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на вчера одржаната седница на која биле разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во однос на поставеноста на монетарната политика.

–  Досегашното намалување на основната каматна стапка, како и позначителното намалување на понудениот износ на благајнички записи придонесоа за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. На седницата беше оценето дека тековната ликвидност на банкарскиот систем е соодветна, при што беше одлучено на аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари, информира денеска Народната банка.

Позитивниот раст на Бруто домашниот производ (БДП) во вториот квартал, според Народната банка, произлегува од позитивниот придонес на домашната побарувачка, при негативен придонес на нето-извозот, што е во согласност со очекувањата.

– Високофреквентните податоци за третиот квартал од 2021 година со кои се располага во моментов се делумни и се недоволни за согледување на состојбите во целина. Имено, податоците за јули покажуваат натамошен значителен реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, при извесно стабилизирање на движењата кај индустриското производство на годишна основа, велат од Народната банка.

Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари ‒ август, во просек годишниот раст на цените изнесувал 2,7 проценти.

Девизните резерви, според НБ, се на соодветното ниво и во сигурната зона. Во периодот јули – август, остварен е откуп на девизи од страна на Народната банка согласно со поволните движења на девизниот пазар, отплатена е еврообврзницата издадена во 2014 година и распределени се 160 милиони евра од специјалните права на влечење од страна на ММФ.

Трговскиот дефицит во јули е нешто повисок од очекуваниот за третиот квартал од годината, но периодот на оцена, велат од НБ, е премногу кус за носење попрецизни заклучоци.

Ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута е на релативно стабилно и високо ниво.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1