ММС

Објавено на: 09/14/21 1:16 PM

Учениците што дома немаат струја да учат во библиотека – Царовска ги искара родителите, им правеле штета на децата

Министерството за образование и наука набавувало книги за сите одделенија согласно барањата на училиштата и ако некое од нив немало доволно книги тоа е затоа што не побарало толку колку што му требало, образложи министерката Мила Царовска денеска при нејзината посета во основното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во општина Ѓорче Петров.

Таа откри дека МОН направило целосно набавка на учебници од прво до трето одделение на полн тираж, но во однос на учебниците за четврто одделение министерката ги искара родителите и апелираше да инсистираат своите деца да користат ИТ-уреди наместо книги.

„Министерството за образование и наука набавува книги за сите одделенија согласно барањата на училиштата. Да не заборавиме дека имало и полни тиражи на печатење. Ако учебниците стигнале до училиштата, би требало книгите да се нови. МОН направи целосна набавка на учебници од прво до трето одделение на полн тираж. Во однос на печатењето на учебниците за четврто одделение, јас би апелирала до родителите дека не им прават услуга на своите деца, туку им прават штета. Секој оној кој има можност треба да користи дигитален учебник. Затоа имаме и дигитални табли на кои се покажува и мултимедија, но исто така им се посочува на децата дека ИТ-уредот не е за играње, туку може да се користи за истражување и учење. Затоа што светот во кој што тие живеат е дигитален“, истакна Царовска.

Печатени учебници има 20% од вкупниот број ученици во четврто одделение во секое училиште и тие се поставени во библиотеките на секое училиште.

– За секое дете кое нема можност, нема електрична енергија дома, може да ги користи книгите од библиотеката. Оние родители кои имаат можност да користат дигитални учебници, треба тие да инсистираат кај своите деца да користат ИТ-уред и наместо детето да помине три часа во играње игра, да помине половина час во гледање на лекцијата која што ја поминале во училиште. На овој начин учењето е полесно – одговори Царовска.

На прашањето кога ќе може некој родител да купи книга од книжарница, наместо да чека училиштето да му додели, Царовска рече дека зависело од донесувањето на новиот Закон за учебници. Ако поминел во Собрание, во тој момент пазарот ќе се либерализира и се ќе им било достапно на учениците, училиштата и родителите.

За недостатокот на учебници за голем број на ученици реагираше и Народниот правобранител кој укажа на различните пропусти во образовниот систем.

„Особен проблем со кој се соочуваат четврто одделенците е тоа што според новата концепција тие немаат хартиени учебници, туку само е-учебници, кои многу е тешко да бидат поставени на одреден електронски уред. За да учениците имаат дигитални учебници од кои би можеле да учат, најпрво е потребно да имаат ИТ уред, при што истиот треба да биде современ за да може да се симнат од линковите кои ги праќаат наставниците на родителите (постојат различни линкови за Adroid, односно Windows уреди), бидејќи на стари уреди или уреди со мала меморија симнувањето на учебниците е невозможно“, посочуваат од канцеларијата на омбдусманот.

Од друга страна, бидејќи училиштата не обезбедуваат печатени верзии на учебници за четврто одделение родителите наведуваат дека се приморани самостојно да ги испечатат истите.

„Печатењето во боја на pdf верзиите на овие учебници чини околу 1800 ден. за целиот сет на учебници, што претставува значаен проблем за голем број семејства во социјален ризик, при што учебници постојат само за мајчин јазик, математика, природни науки, историја и општество, додека за другите наставни предмети нема никаков учебник. Дополнителен проблем е тоа што со печатење на pdf верзиите на е-учебници се кршат авторските права на авторите на учебниците, па истите и не можат да се набават во секоја фотокопирница“, се вели во соопштението.

Орце Костов

фото: В. Тануровски/МОН

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1