ММС

Објавено на: 09/13/21 3:00 PM

Обвинителите ќе влезат во Брако – Ќе му се одземе документацијата за градбата на модуларната болница во Тетово

Основното јавно обвинителство Тетово соопшти дека продолжува истрагата за расчистување на трагичниот настан во Модуларната Ковид болница, кога 14 лица го загубија животот во пожар.

Донесена е писмена наредба до Министерството за здравство за предавање на целокупната документација по однос на градбата на Модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, а обвинителите побараа од основното јавно обвинителство во Велес, да му ја одзеде целокупната документација на Брако поврзана со изградбата на Модуларната болница во Тетово.

“Петтемина обвинители поднесоа барање за пружање помош во кривична постапка до Основно јавно обвинителство во Велес, за од правно лице од Велес, да се одземе целокупната документација по однос на градбата на Модуларната болница во Тетово“, стои во соопштението на ОЈО.

ММС се обиде да ја контактира прес-службата на компанијата Брако, но не добивме одговор.

Обвинителството ќе испитува дали ЈЗУ Клиничка болница во Тетово има изготвено Елаборат за складирање на хемикалии и горива, како и генератори при прекин на струја. Ќе побара и да се достави Планот за електрична инсталација на Модуларната болница.

„Издадена е писмена наредба до ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, да се достави Планот – елаборат на системот за снабдување со кислород со доводи, цевки и приклучоци за Модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово“.

ЕВН-Македонија – КЕЦ Тетово треба да достави елаборат за снабдување со електрична енергија, односно План за целокупната електрична инсталација за Модуларната болница во Тетово.

ОЈО доставило писмена наредба да му се обезбедат снимките објавени на социјалните мрежи и целокупната документација по однос на градбата на ковид монтажната болница.

„Побарано е да се обезбедат податоци во врска со лицето кое било одговорно за раководење со изградбата, лицето кое имало овластување за надзор при градбата на истата, да се достави извештај дали е извршен технички прием и доколку е извршен – кој го извршил и кои лица ја изготвиле техничката спецификација за јавната набавка за Модуларните болници изградени во Република Северна Македонија“, велат од обвинителството кое ќе утврдува и дали и какви мерки на противпожарна заштита се применети во Модуларната болница во Тетово.

Во меѓувреме Градежниот институт „Македонија“ ќе земе примероци од опожарениот материјал со цел да се испита од каков материјал биле изработени, подот, таванот, ѕидовите, прозорите, вратите и изолацијата.

 

О.К.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1