ММС

Објавено на: 09/13/21 2:29 PM

ОН проценува дека во Авганистан веќе има недостиг на храна во 93 отсто од домовите

Во Женева почна донаторска конференција за Авганистан организирана од ОН, помалку од еден месец по заземањето на власта од страна на талибанците и пред растечката хуманитарна криза.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој го свика состанокот на кој физички присуствуваат повеќе од 40 министри, и многу други онлајн, нагласи дека „на луѓето во Авганистан им е потребен спас”.

ОН проценуваат дека на Авганистан ќе му требаат 606 милиони долари итна помош до декември за да избегне неисхранетост и хроничен недостиг на основни производи. Се проценува дека веќе има недостиг на храна во 93 проценти од домовите во државата.

Додека многу земји се подготвени да донираат средства за хуманитарна помош, останува загриженоста за тоа како тие можат да се потрошат со оглед на тоа што талибанците сега преземаа контрола, а многу влади побараа донациите да се даваат под одредени услови.

Откако меѓународните трупи по 20 години се повлекоа од Авганистан, основните услуги во земјата сега се пред колапс, според агенциите на ОН, кои велат дека хуманитарната помош може да се искористи за одржување медицински услуги, водоснабдување и санитарни јазли.

Донациите исто така може да обезбедат поддршка за жени и деца и да се искористат за формирање образовни проекти. Исто така, може да се искористат за финансирање засолништа за итни случаи, што е витално важен ресурс во земја со околу 3,5 милиони внатрешно раселени луѓе.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1