ММС

Објавено на: 09/13/21 2:03 PM

(Видео) Ако не дај Боже пукнат цевките експлозијата ќе не однесе до Скопје- Протест на жителите од Котарлак за алтернативниот пат кај Искрин мост

Протест на мештаните од Которлакот, бараат да се асфалтира алтернативниот пат кај Искрин мост

Најава: Мештаните од селата во Которлакот денеска два часа го блокираа алтернативниот пат за Искрин мост кој веќе подолг временски период е надвор од употреба, откако попушти главниот носечки столб при санација на истиот. На протестот на мештаните од десетина села им се приклучија и кумановци кои на потегот на алтернативниот пат имаат свои викендици. Сите заедно побараа да се асфалтира патот кој се користи за да се заобиколи големиот мост на реката Пчиња, да се постави светлосна и патна сигнализација, но и да се забрза санацијата на самиот мост.

Мостот се наоѓа на патниот правец Куманово – Свети Николе и е клучна алка во транспортот кој ја сврзува Источна Македонија со целиот Североисток.

– Барањата се да се асфалтира овој пат што се минува веќе 100 дена. Беше работа да се направи мостот за 100 дена, бидејќи ништо не се презема, а има луѓе што живеат тука. Затоа бараме да се направи нешто, да се стави патна сигнализација за да знаат луѓето дека одат за Свети Николе, изјави Дејан Петровиќ.

Но, не само патот е проблем за мештаните, во пределот каде минува алтернативниот пат се наоѓаат и цевки за гасовод, кои според мештаните не се доволно заштитени и можат да претставуваат опасност за сите.

– Искршивме автомобили, отсечен е целиот которски крај, 15 села има таму. Се договорија ставија 20 метри асфалт. Тоа е жално. Тука минува гасовод од 80 бари, без заштита, минуваат тешки возила камиони. Ако тоа пукне во Скопје ќе нѐ однесе сите, има луѓе што живеат тука, функционираат, дрвјата се бели од прашина. Не се живее тука, вели Петровиќ.

„Тука минува гасовод низ река, не е заштитен, на секој премин ставаат двојна цевка, а тука не знаеле дека возила ќе минуваат и цевките не се ставани двојно. Јас имам сервис, ставија двојна цевка и не одат камиони, а тука нон стоп одат шлепери, па мостот е паднат од шлепери, не од лесни возила. Гасоводот ако експлодира тука до Скопје цевките ќе ги крене. Почнаа река да копаат, да ја чистат, но не ја чистат, валканиот песок го оставаат тука, чистиот го носат во сепарација, изјави Звонко Стојчевски кој живее покрај алтернативниот пат.

Ова е втор протест на жителите кои велат дека по првиот протест одржан во јули, се превртел камион па дваесетина метри од патот надлежните го асфалтирале, но само угорнината која е тешко пристапна за било какви возила.

Патот освен што не е осветлен ноќе и никој не може да го пронајде, нема ниту сигнализација каде  се наоѓа. Поставени се рачно изработени дрвени знаци на кои е испишно името на градот Свети Николе. Мештаните велат дека, доста луѓе талкаат ноќе во околните полиња и ниви барајќи го патот.  Патот продолжува и преку самото течение на реката Пчиња, по два импровизирани мостови направени од цевки, а прекриени се со песок и камења. Мештаните стравуваат дека со првите есенски дождови од нив нема да остане ништо.

– Од ден на ден тој песок се руши, неколку пати имаше големо количество вода од Пчиња, тој мост беше однесен па повторно го правеа и е многу опасно за возење може некој да настрада, додава тој.

Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека алтернативниот пат е наменет исклучиво за движење на локалното население од околните села.

– Алтернативниот пат е наменет за движење само на локалното население од околните села до градот Куманово и обратно. Тој е краток и води до локалниот пат на кој потоа се приклучува. Алтернативниот пат кој почнува од пред мостот и се симнува под мостот, е асфалтиран и се поставени семафори за наизменично пропуштање на возилата, потоа кратко патот продолжува преку цевасти пропусти кои се поставени над река Пчиња и веднаш потоа се приклучува на локален тампониран пат. Јавното претпријатие за државни патишта нема надлежност да подобрува локални патишта, стои во соопштението на ЈПДП.

Инаку на 23ти јули пристигна соопштение дека мостот над Пчиња се затвора за секаков вид сообраќај во следните 100 дена. Причината е што еден од главните носечки столбови е изместен за цели 70 сантиметри и секаков мал потрес може да го урне мостот изграден пред педесетина години.

Реконструкцијата започна минатата година, со рок за градежни активности до следната. Проектот ќе чини 2 милиони евра, но со неговото сегашно затворање огромен број села од кумановско се отсечени од градот, а се јавува проблем и во циркулирање на целиот регионален сообраќај.

Никола Ивановски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1