ММС

Објавено на: 09/13/21 8:10 AM

Ем-ти-ви награди: Џастин Бибер е изведувач на годината

Канадскиот поп-пејач Џастин Бибер е прогласен за „Изведувач на годината” на вчерашното доделување на Ем-ти-ви видео-музичките награди (ВМА).

Примајќи ја наградата, Бибер истакна дека oвaа година не била лесна за никого поради пандемијата на коронавирус, а особено ѝ се заблагодари на неговата сопруга, Хејли Болдвин, со која се венчаа изминатава година. Меѓу конкурентите на Бибер за наградата беа ѕвезди како Аријана Гранде и Тејлор Свифт.

Соработката на Канаѓанецот со Гивеон и Даниел Цезар – „Peaches”, беше прогласена за најдобра музика во категоријата за „Поп-песна”.

Доделувањето на наградите на Ем-ти-ви оваа година се врати во вообичаениот формат – се одржа во живо од „Центарот Баркли” во Бруклин (Њујорк, САД) во присуство на публика. Во август, инаку, телевизијата прослави 40 години постоење. Водителка овојпат беше Доџа Кет.

Наградите за видео и музика на Ем-ти-ви се воспоставени 1984 година и постепено станаа едни од најпрестижните награди во музичката индустрија.

Оливија Родриго ја освои наградата за „Песна на годината”, а Лил Нас Екс ја доби онаа за „Видео на годината”.

 

МИА

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1