ММС

Објавено на: 09/11/21 9:32 PM

Лозарите го истурија грозјето – И годинава хаос во лозарството

Хаосот во лозарството и манипулациите на лозарите од визбите се главен белег и годинава на откупот на грозје. Иако се чинеше дека најголемата винарска визба во земјава „Тиквеш“,  ќе го почитува договореното и ќе плаќа по 11 денари за смедервката и 13 за вренец – картошија, сепак тоа не случи. Лозарите незадоволни, како што велат,  од манипулативниот однос на визбата,  денеска попладне започнаа протест пред „Тиквеш“.

Повеќе лозари добиле покани за да берат картошија, но откако стигнале со полни трактори пред визбата им било кажано дека грозјето нема да им биде откупено, доколку не надминува 19 малигани. Потоа за грозјето со 19 малигани и помалку им била понудена цена од само 8 денари за килограм. Тоа ја прелеа чашата и лозарите почнаа да го истураат грозјето од приколките пред влезот на винаријата.

 

„Вчера моето грозје  имаше 19,80 малигани, денеска 20,70 и не помина. Требало да има 21 малиган. Сакаат без пари да го купат грозјето. Имаат истакнато дека од 18,50 малигани ќе го купуваат грозјето. “ изјави лозар присутен на протестот.

Претседателот на регионалното здружение „Тиквешки лозаро овоштари“, Дано Јошев изјави дека од раководството на „Тиквеш“ им било речено кој сака да го предаде грозјето со пониски шеќерни единици  од 21,  ќе им се плати по 8 денари за килограм.

„Ќе го откупеле тоа грозје за дестилат. Со тоа „Тиквеш“ ќе  ја сруши цената. Ќе почнат по таа цена да купуваат сите визби“ вели Јошев.

За цело време додека траеше протестот, со лозарите беа градоначалникот Митко Јанчев и пратениците од Кавадарци, Даниела Колева и Зоран Јованчев. Тие беа на средба и со раководството на винаријата.

„Заедно со пратениците ги застапуваме лозарите, но одлуката на визбата е дека грозјето со пониска шеќерност од 21 малиган нема да се откупува. Гревот е голем, револтот е голем. Сите имаат покани да го донесат грозјето. Ги враќаат назад и лозарите кои имаат 20,6 или 20,8 малигани. Имаме здраво и квалитетно грозје годинава. Ние како локална самоуправа и пратениците ќе бараме начини да се надмине оваа лоша состојба. Целогодишниот род е грев да заврши на ваков начин. Според сите критериуми над 19 малигани картошијата е квалитетно грозје“ изјави Јанчев.

Пратеничката Даниела Колева ги информира лозарите дека контактирала со премиерот и им пренесе ветување дека грозјето кое денеска нема да им биде откупено на лозарите за истото ќе добија обесштетување од државата.

„ Треба да остане договорената цена од 11 и  13 денари. Понудија од Тиквеш некои алтернативни можности,  но лозарите не се согласија бидејќи беа во некој дел и потценувачки“ изјави пратеничката Колева.

Пратеникот Зоран Јованчев ја повика владата да се вклучи во решавањето на овој проблем.

„ Сите  овие лозари имаат покана да го донесат родот по цени истакнати во визбата. 8 денари за 20.8 шеќерни единици е повеќе од потценувачки. Свето повторно си игра со маката на лзоарите“ рече Јованчев.

Ангел Данов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1