ММС

Објавено на: 09/10/21 7:22 PM

„Што да кажам? Марија веќе ја нема, ангел на тато и мама“ – Бобан Д. за шпекулациите околу пожарот во тетовската болница

„Што да кажам, мене девојчето нема да ми се врати, го погребавме вчера, а денес бевме на гробишта, вели Бобан Д. татко на 21- годишната Марија, која живееела со церебрална парализа, а  загина во пожарот во тетовскиот ковид центар, во кој била сместена 13 дена. Се шпекулираше дека  во момент на пожарот и било вршено реанимација и дека вчера додека се подготвувале за погреб било побарано да се изврши обдукција на телото. ММС стапи во контакт со татко и на, сега веќе починатата Марија,  кој беше видно изнервиран што во целата тага од трагедијата што им се случи, се и сешто се изнаслушал овие два дена.

-Ние бевме таму присутни и во шок сме од тогаш и навистина не знам што да кажам. Детето си го изгубив и што е битно понатаму. Не сум меродавен да кажам дали е некој крив и кој е крив. Има институции, нека си одлучат, нека си истражуваат. Не сум во состојба да зборувам за тоа. Вчера го погребавме девојчето, денес бевме на гробишта. И  што јас да кажам. Има институции, има Влада, има полиција, има Јавно обвинителство.  Нема јас да кажам. Споменот на Марија е мој и на жена ми. Марија имаше  21 година. Во болница лежеше околу 13 дена. Можам да кажам само на сите што изигруваат експерти дека услугата во болницата беше на високо ниво. Перосналот, медицинските сестри и лекари пружаа секаква помош.  Сега што се случило?  Што да кажам? Божја работа! Бев во моментот таму кога се случи пожарот, нормално детето ми е таму.  Кај да бидам на друго место? Има снимки, има истрага, пак, ќе речам што јас можам да кажам. Мене ми е глупаво да зборувам за ова што се се шпекулира. Во Тетово знаеш како е, од мравка слон  се прави. Многу се преувеличува. Филмови ќе има многу. Ова ќе трае уште долго време, вели таткото на починатото девојче.

Тој исто така е разочаран од се што слушнал во врска со нивниот случај и вели дека „секој може се да каже, но на крајот вистината ќе ја кажат тие што треба да ја кажат“.

-Верувај ми дека воопшто не ми се зборува. Па јас на сестра ми уште ништо не сум кажал, мајка ми исто почина и не комуницирам со никого. Немам со кого да разговарам за тоа, најмалку со медиуми.  Девојчето го изгубив и што јас сега да кажам.  Има меродавни луге за тоа да кажат, јас не сум. Уште  сум под стрес, пијам по пет дијазепами на ден. Од мене толку. Марија ја нема, дете татино. Беше ангел татин и на мајка. Тоа е. Јас и сопругата треба да се соземеме, ако може некако да се средиме, да се вратиме во нормала, имаме уште едно девојче кое треба да го гледаме. Јас сега за него живеам. Ова другово се случи, Марија нема да ни се врати.  Да собереме храброст и да продолжиме да живееме. Сега не сум при себе и навистина не знам што да кажам друго, ни рече тој и додаде:

„Има луѓе, верувам во нашава држава, каква и да е.  Институциите ќе си ја бркаат работата, ете од странство ќе доаѓале. Мене девојчето не може да ми го вратат кој и да дојде“.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1