ММС

Објавено на: 09/10/21 10:41 AM

Меси го собори рекордот на Пеле

Фудбалската репрезентација на Бразил ја забележа осмата победа во серија во јужноамериканските мундијалски квалификации совладувајќи го синоќа Перу со 2-0, но вечерта ја одбележа аргентинскиот капитен Лионел Меси, кој стана најдобар стрелец во историјата на репрезентативниот фудбал во Јужна Америка.

Аргентина во натпревар од 9. коло пред 25.000 гледачи на стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес, прв пат отворен за јавноста од почетокот на пандемијата, ја совлада Боливија со 3-0, со хет-трик на Меси (14 минута, 65, 89).

Со тоа аргентинскиот капитен дојде до бројката од 79 погодоци во дресот на Гаучосите, соборувајќи го рекордот на легендарниот Пеле според бројот на голови за јужноамериканска репрезентација. Пеле во дресот на Бразил постигна 77 голови.

– Долго чекав на ова. Ова е навистина уникатен момент во мојата кариера. Многу сум среќен, изјави Меси.

Светскиот рекорд го држи Кристијано Роналдо со 111 голови во дресот на Португалија.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1