ММС

Објавено на: 09/9/21 7:30 AM

Се очекуваат официјални информации за починатите, во 10 часот закажана седница на Владата

Нема официјални информации за големиот пожар во модуларната болница во Тетово, кој зеде најмалку десет човечки животи. Заседанието на Кризниот штаб заврши без изјави на државниот врв, кој го напуши Тетово само со најава дека за денеска во 10 часот е закажана итна и вонредна седница на Владата. Ова беше единственото што го кажа премиерот Зоран Заев на излегување од зградата на општината во Тетово.
– Закажавме во 10 часот Влада, изјави Заев. Други детали не даде, затоа што, како што рече, не излегуваат со информации додека надлежните прават увид и работат на утврдување на причините за пожарот.
Од Владата информираа дека во тек е детална истрага за пожарот во кој, според засега официјалните информации, има десет жртви.
– Вечерва во тетовскиот Ковид-центар се случи огромна трагедија во која поради експлозија и пожар има десет жртви, а оваа бројка може да порасне. Противпожарните и медицинските служби реагираа веднаш, пожарот е изгаснат, а во тек е акција на здравствените служби за спасување на секој загрозен живот. Владата изразува најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на починатите и посакува брзо закрепнување на повредените, се вели во соопштението од Владата.
Пожарот избувна вечерва околу 21 часот и за кратко време целосно изгоре ковид центарот. Во гаснењето учествуваа над 30 пожарникари кои интервенираа со седум возила. Пожарот е изгаснат за речиси половина час.
Медиумите ноќеска јавија дека на Клиничкиот центар во Скопје се донесени 14 тела на обдукција, додека во Судска медицина се формирани тимови од патолози и форензичари.

Во моментот на избувнување на пожарот во 21 часот, во модуларната болница се наоѓале 26 луѓе, пацинети и членови на нивните семејства, кои се грижеле за нив. Според информациите од болницата, 12 пациенти со Ковид и кои биле хоспитализирани во модуларната болница, се преместени во другите болнички одделенија, каде ќе го продолжат лекувањето. Од болницата „8 Септември“ во Скопје се очекуваа повредени пацинети.

Откажани се сите претходно закажани настани за денеска.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1