ММС

Објавено на: 09/8/21 9:37 PM

Зошто имаме 450 евра плата, а не илјада, зошто бројката на невработени и иселени е толку висока, праша Пендарвоски во својот говор

Го празнуваме нашиот трет, последен и од меѓународен аспект-најзначаен Илинден. Денес сме собрани да се потсетиме дека независноста не ни е подарена од никого, туку е дело на многу генерации водени од идеалот за слободна и своја држава, рече претседателот Стево Пендаровски, во говорот по повод 30 години независност на државата.

-Како што државата е одговорна за своите граѓани, така и секој еден од нас е одговорен за државата, затоа што од нас самите зависи нејзиниот опстанок и нејзините перспективи. Оттука, овој 30-годишен јубилеј е можност и за колективно преиспитување на нашата совест. Прашањето кое уште во далечната 1903-та го постави Крсте Петков Мисирков за нашата генерација и денес има еднаква тежина: Што направивме и што треба да правиме во иднина? Искрениот и реален одговор е дека ова е прашање за секој еден од нас, но, најмногу за сите досегашни политички раководства, чија одговорност е далеку најголема и пред предците кои ги оставија коските по планините за да ја направат оваа држава, не помалку за нашите деца и внуци, за нашата младост, рече претстедателот.

Тој рече дека  во овие триесет години сите имавме прилика да потврдиме една вистина, една реалност, а таа е дека опстојот и просперитетот на нашата независна македонска држава зависат од два процеси: од внатрешната инклузивност и од надворешната интегрираност. Мултиетничкиот соживот и вековната традиција на почитување на различноста се нашата најголема вредност и тоа не е така само во пишаните документи со кои ќе се фалиме пред светот, за тоа постојат многубројни примери во нашето секојдневие каде што и радоста и тагата луѓето еднакво ја делат независно од нивната вера или нација.

-Иднината на државата зависи и од нашата целосна интеграција во битните меѓународни организации, затоа што малите држави не можат да опстанат во денешниот глобален и немирен свет, ако се сосема сами без сојузници и пријатели. Северна Македонија може да напредува само ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина, и ако е целосно интегрирана во западната заедница на народите, рече тој.

Во својот говор Пендаровски понатаму кажа дека внатрешната инклузивност и надворешната интеграција се клучните оски за долгорочна стабилност и просперитет на нашата држава.

-Овие две оски на нашата стабилност не секогаш беа ускладени. Понекогаш тоа беше поради притисокот на надворешните фактори врз кои ние немавме никакво влијание. Негирањата и заканите, двојните стандарди, политичките блокади на нашите интегративни процеси ни одзедоа премногу време и енергија. Затоа, направивме тешки, но неопходни политички компромиси, со цел да отвориме нови перспективи и да излеземе од изолацијата во која некои свесно не туркаа, рече тој и додаде:

-Да бидеме искрени, за дел од проблемите сме и самите виновни. Години и години изгубивме додека се обидувавме да извршиме историски инженеринг врз нашето потекло и корени кои се неспорни и одамна потврдени, или кога некои права поврзани со статусот и вклученоста на етничките заедниците во заедничката држава долго време ги држевме на маргините. Од време на време, прекумерната етнизација на политиката и партизацијата на институциите дополнително ја влошуваа состојбата што доведуваше до меѓуетнички тензии, политички кризи и длабоки поделби меѓу граѓаните кои ја нарушија нивната доверба во сопствената држава. Ефектите од долгата и мачна транзиција придонесоа постепено пред наши очи да се оформи најголемата опасност и закана за нашата иднина, а, тоа е – масовното иселување на нашите граѓани. Младите, но и повозрасните се иселуваат тогаш кога ќе престанат да веруваат дека државата може да обезбеди услови за пристоен живот достоен за човекот во 21-от век.

Во овој контекст, рече Пендаровски, некои го поставуваат прашањето дали воопшто ја заслуживме независноста. Според мене, тоа е прашање од сосема поинаков категоријален статус кое не треба да го мешаме со главното.  Прашањата од типот, зошто денес имаме 450 евра просечна плата, а не илјада, дали бројката на невработени и иселени мораше да биде толку висока, или за квалитетот на услугите кои државата ги испорачува на граѓаните, се апсолутно легитимни. Не треба да бегаме од фактот дека тие проблеми и потешкотии го проблематизираат ефектот од владеењето на сите политички елити од независноста до денес, меѓутоа, тоа, на ниеден начин не ја поткопува идејата, не го негира историскиот императив да имате независна, слободна и конечно, и најважно, наша, сопствена држава. Со сите свои недостатоци, власта која нашите граѓани ја избираат на слободни избори не може да биде полоша од било која власт однадвор наметната, а такви, за жал, во нашата историја имавме предолго. И да не заборавиме дека сите наши научни, уметнички, спортски и стратешки дострели во изминативе 30 години не ќе беа можни во таков обем ако немавме наша сопствена држава. Затоа, без и една секунда двоумење, без тронка сомнеж можеме да кажеме дека македонската државност и независност е нашето најголемо историско достигнување со кое треба да се гордееме  рече пертседателот.

-Но,  што е со вториот дел од прашањето на Мисирков? Што треба да правиме во иднина, во наредните години и децении за да имаме побогата и подостоинствена живејачка? Самиот Мисирков го дава одговорот кога вели дека „за да си ја очистиме совеста пред народот наш за дадените од него жртви, треба да се зафатиме за … работа.“ А тоа е само другото име на патриотизмот, бидејќи патриотизам се секојдневните жртви, но и секојдневното посветено работење за државата, за граѓаните, за семејството, за најблиските. Вистинскиот патриотизам значи почитување на законите, одговорно користење на ресурсите и чување на животната средина бидејќи друга немаме. Вистинскиот патриотизам подразбира да ги воспитуваме нашите млади да бидат доблесни и одговорни личности. Во Манифестот на АСНОМ се вели: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме.“ Но, уште поважно е да знаеме во каква држава сакаме да живееме. Ако сакаме младите генерации да останат во земјата и тука да живеат, да работат и создаваат иднина, мора да се потрудиме повеќе како држава и да им обезбедиме услови да успеат дома, во својата земја, рече тој.

– Ние немаме резервна татковина. Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. При тоа, се разбира дека одговорноста е најголема кај оние кои ја добиваат честа да ја водат општината, градот, владата или државата. Апсолутно сум убеден дека ако секој од нас се вложи за таа кауза до крај, без остаток, без калкулации, тогаш ќе имаме држава со која сите ќе се гордееме, рече на крајот Пендаровски.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1