ММС

Објавено на: 09/7/21 3:32 PM

Со нетрпение очекуваме да соработуваме на патот кон спроведувањето на реформите и ЕУ, се вели во честитката на Бајден

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, по повод 8 Септември, Денот на независноста, упати честитка до претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

„Почитуван господин Претседател,

Во име на американскиот народ, го честитам денот на независноста на Северна Македонија. Одбележувајќи ја оваа прилика, ние исто така ја одбележуваме 25-годишнината од нашите дипломатски односи и силното пријателство меѓу нашите две нации. Нашите земји ги обединуваат семејните и историските врски, како и нашите заеднички демократски вредности и посветеност на човековите права. Нашето партнерство ќе продолжи да им користи на нашите народи во годините што доаѓаат.

Со гордост ја поздравивме Северна Македонија како 30-ти сојузник на НАТО минатата година, признавајќи дека Вашата земја даде витален придонес за безбедноста и стабилноста на регионот долго пред таа да се приклучи на Алијансата. Ви благодариме што оваа година бевте домаќин на мултинационалната вежба „Решителен удар 21″ во Центарот за воена обука „Криволак” и што повторно ги покажавте водечките капацитети и подготвеноста на Северна Македонија.

Како што Вашата земја продолжува да напредува – зголемување на просперитетот за сите Ваши граѓани, подобрување на владеењето на правото, зајакнување на Вашите демократски институции – САД остануваат Ваши силни и непоколебливи поддржувачи.

Со нетрпение очекуваме да соработуваме со Северна Македонија на патот на спроведувањето на реформите што ќе ја обезбедат европската иднина на Вашата земја, вклучително и пристапувањето во Европската Унија.

Ви посакувам безбеден и среќен Ден на независноста и Ви благодарам за Вашето долгогодишно пријателство.

Со почит,

Џозеф Р. Бајден – јуниор”


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1