ММС

Објавено на: 09/7/21 2:19 PM

Нема одење дома со службено возило и возење за лични потреби, одлучи Владата

​На денешната владина седница, на иницијатива на заменик претседателот на Владата за борба против корупција, човечки ресурси и одржлив развој, Љупчо Николовски е донесена нова одлука со која се дефинира и регулира користењето на службените возила во сопственост или користење на државата.

“Со новата владина одлука, секое користење мора да биде одобрено, оправдано и наменско. Нема одење дома со истото или пак возење и паркирање за лични потреби вон работа. Сè ќе биде транспарентно и сè ќе се почитува.

Продолжуваме да работиме во правец на кратење на непотребните бенефиции на функционерите, како што претходно тоа го направивме со ограничувањето на угостителските услуги, како и надоместоците на членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија ширум земјата“, се пофали тој на Фејсбук, а потоа испрати соопштение до медиумите.

Според Николовски, одлуката е направена така што ги елиминира потенцијалните злоупотреби на службените возила, односно користењето на јавните ресурси за приватни цели. Новиот систем за следење на користењето на службените возила и начинот на кој ќе обезбедуваат дозволите за користење, овозможува лесно детектирање на неправилностите и нивна санкција.

О.К.

фото: Фејсбук


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1