ММС

Објавено на: 09/7/21 1:59 PM

Уапсениот дипломат бил проблематичен цели 12 години и никој од министрите „не знаеле“ за тоа

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на промоцијата на првата архивска изложба на МНР, “30 години независност- ретроспектива на надворешната политика” откри дека поради скандалот со дипломатот Миле Миленковски кој беше уапсен во Србија по меѓународна потерница на барање на Ерменија, секој од раководителите во МНР и секој од амбасадорите ќе мора да аплицира за нови НАТО сертификати.

–  Од првиот ден на добивањето на информацијата на притворен македонски дипломат во Србија е донесена одлука за мирување на работниот однос во МНР, суспендиран му е дипломатскиот пасош и иницирана е постапка за ресертифицирање на сите безбедносни сертификати кои ги поседуваат вработените во МНР.  Сите раководители во МНР ќе мора да аплицираат за нови НАТО сертификати. Сите амбасадори од петок ќе мора да аплицираат за НАТО сертификати – рече Османи.

МНР донело одлука мисијата на ОБСЕ да го зголеми бројот на дипломати од тројца на 15 луѓе поради претседавањето со мисијата. Османи призна дека одобрил во првата група дипломати да одат оние кои имале најмалку еден мандат во ОБСЕ, а меѓу нив бил и Миле Миленковски.

– Тоа е единствената причина зошто дипломатот е испратен во Виена. Лично не сум го видел, но ги исполнуваше условите. Тој има безбедносен сертификат и тоа значи дека тој е безбеден за упатување. Се друго е шпекулација и дневна партиска политика. Драго ми е што е упатен на мисија затоа што ако не беше упатен, се уште ќе имаше дипломатски пасош – истакна министерот.

МНР не знаело и се уште немало никакво известување дали се води истрага против негови дипломати или дали е распишана меѓународна потерница.

– Единствен документ кој стигнал до МНР на десет месеци пред јас да дојдам во министерството е едно писмо од МВР во кое прашуваат дали овие тројца дипломати имаат дипломатски пасоши и дали во 2018 година биле на службен пат. МНР одговара на тоа прашање и нема повратен одговор од МВР.  Немавме никакво известување дека имало црвена потерница по него се додека не беше притворен. Јас се уште немам официјално известување и за другите дали се води против нив истрага, но јас им ги суспендирав пасошите. Едниот е пензиониран, вториот е на годишен одмор. Мене ми е важен само безбедносниот сертификат. На пример, Миле Миленковски добил сертификат од февруари 2019 година со важност од пет години до 2024 година. Со тоа имал целосно право да има пристап до документи во МНР – откри Бујар Османи.

Тој призна дека системот во МНР имал слабости, но не биле отсега туку од времето на претходната власт и вети дека ќе го обели образот на дипломатијата.

– Уште во 2009 година година, кога МНР го водел Антонио Милошоски, овој дипломат бил испратен во Детроит, од 2012 година бил преместен во Вашингтон, па повторно преместен во Чикаго. Потоа се враќа дома, па повторно на мисија. Информациите говорат дека тој бил проблематичен, сега само што прочитав. Бил преместен од Детроит во Вашингтон поради кавга со амбасадор, потоа повторно поради кавга бил преместен. Очигледно системот со години имал слабости и тоа треба да го исправиме и да го сочуваме достоинството на оваа важна служба. Ве молам да не генерализирате  дипломатијата со една група криминалци кои ја злоупотребиле својата должност – додаде тој.

О.К.

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1