ММС

Објавено на: 09/7/21 12:30 PM

Утринава рестартиран пописот за да се надминат техничките проблеми од вчера

Процесот на попишување на населението и домаќинствата утринава е рестартиран со цел да се надминат сите технички потешкотии кои се јавија во вчерашниот ден, ова денеска го посочи првиот човек на Државниот завод за статистика Апостол Симовски кој беше на увид во Куманово.

Во пописниот регион 49, каде се наоѓаат општините Куманово и Старо Нагоричане, активностите течат во најдобар ред, рече Симовски, комплетирани се сите учесници во пописот, а здравствената состојба на попишувачите е добра.

– Моите информации се дека се прави апдејт на тоа што вчера се сработи и рестартиран  е целокупниот процес за да се избегнат било какви багови кои може да се сторат со она прекинување на работата во вчерашниот ден. Мислам дека во моментот почнува да се попишува, изјави тој.

Како што посочи Симовски, денешното рестартирање на процесот е за да не се случуваат технички проблеми како оној од вчера. Решението, потенцира е најдено, и се прават напори веќе да нема такви проблеми.

– Секогаш кога работите со технологија се можни вакви случаи тие беа предвидени однапред има цела екипа од провајдерот на апликативното решение, провајдер на интернет конекцијата постојано спремна екипа да интервенира и еве се отстрануваат работите, изјави Симовски.

Попишувачите ќе добијат адреси на кои има лица во изолација со цел да почекаат или да се договорат со тие граѓани како да се спроведе пописот, дали да почекаат да им заврши изолацијата или да се постапи согласно протоколите.

Пописот во Куманово го спроведуваат 310 лица, од кои 258 реонски попишувачи, 26 инструктори и 26 лица кои се резервни попишувачи, информираше Александар Гелевски, претседател на пописен регион 49 каде се наоѓаат Куманово и Старо Нагоричане.

– Сите ангажирани лица се излезени на терен и досега имаме пријавено одредени проблеми од страна на граѓаните и истите се пред се од техничка природа и се надминуваат и решаваат. Што се однесува до попишувачи досега немаме бојкот или пријава од населнието, регуларно тече процесот и немаме никакви проблеми, изјави Гелевски.

Заклучно податоците од утринава попушани се околу 150.000 лица во државата и досега нема изречено казна на лица кои одбиле да се попишат.

Никола Ивановски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1