ММС

Објавено на: 09/7/21 11:53 AM

Засега нема трансмисија на вирусот во ученичките и студентските домови

Сместувањето во ученичките и студентските домови тече во најдобар ред согласно планот и протоколите за сместување во овие установи. Министерката за образование и наука Мила Царовска, разговараше на редовен координативен состанок со директорите на домовите.

„Протоколите се почитуваат максимално од страна на учениците, студентите и персоналот. Засега немаме трансмисија на вирусот во домовите. Се надеваме дека со одговорно однесување заеднички на сите, домовите и интернатите ќе останат безбедни“, рекоа директорите на состанокот.

Министерката Царовска им посака успешна работа и уште еднаш апелираше на доследно почитување на мерките за заштита како и честа дезинфекција и одржување на хигиената во објектите.

„Од сите нас зависи заштитата на јавното здравје. Штитејќи се себе си ги штитиме и нашите најблиски и сите останати. Затоа апелирам на максимално почитување на протоколите во ученичките и студенстките домови“, рече Царовска.

Во меѓувреме МОН објави дека родителите и старателите на учениците и во новата учебна 2021-2022 година преку електронскиот дневник ќе добиваат неделни извештаи за активностите на нивните деца на училиште. Извештаите ќе можат да ги прегледуваат со едноставно најавување во системот.

Неделните извештаи содржат информации за наставните содржини кои се реализираат, како и за активностите, оценките и поведението на учениците за време на престојот во училиште.

Дополнително, родителите и старателите на неделна основа ќе добиваат и СМС пораки на нивните мобилни уреди, согласно наведените телефонски броеви во електронскиот дневник.

Упатство за сите функционалности на системот е-дневник, како и видео упатства за родителите/старателите се објавени на страницата https://ednevnik.edu.mk/ во менито упатства.

 

О.К.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1