ММС

Објавено на: 09/7/21 9:07 AM

Прво се крадеше на лажиче, потоа со лопати, па со булдожери! – Гошев за ДВ

Изминатите триесет години ќе бидат запаметени по невидените дострели на корупцијата, оценува Петар Гошев во интервју за ДВ по повод 30 години од независноста.

– Веднаш на почетокот да кажам: „Да ни е честит триесеттиот 8 Септември и за навек да биде прославуван, во мир и благосостојба, од бесконечна низа на идни генерации. Да го прославуваме 8-ми Септември, но да не го подзабораваме и да не го валкаме, како што сè почесто се случува, АСНОМ 1944, вели Гошев.

– Три децении, во сите важни меѓународни извештаи фигурираме како држава која се именува или како „captured state” (заробена држава), или како „hybrid regime” (хибриден режим, полудемократија-полуавтократија). Основната аргументација за ваквите квалификативи ја извлекуваат од корумпираното, неефикасно, партиски и персонално контролирано судство, од само формалното постоење на парламент, од целосната доминација на извршната власт над сите други, или што е уште повистинито, но и потрагично, од доминацијата на група/групи во врвовите на извршната власт што се или предводници на феноменот „организиран криминал“ или се негови најголеми заштитници. Се разбира, цената е добра, ризикот никаков, или многу, многу исплатлив.

– Изминатите триесет години ќе бидат запаметени по невидените дострели на корупцијата. Растот на интензитетот на корупцијата може да се опише вака: на почетокот се крадеше со лажиче (иако ова повеќе важи за социјалистичкиот период), потоа започна да се краде со лопати, за да се стигне до крадење со булдожери. Откако се случи големиот грабеж со приватизацијата на општествениот капитал и експресното создавање екстремно богати капиталисти, во екстремно сиромашна земја во европски рамки, новопечените политички лидери направија сојуз со експресните капиталисти: првите, преку планови за крадење од јавните пари смислувани од вторите, по секоја цена сакаа да го досегнат статусот на вторите – експресно збогатените од периодот на приватизацијата. Потоа, се разбира, мрежата се ширеше и хоризонтално и вертикално. Според концептот за менување на перцепцијата, не на стварноста, триесет години се ветуваше закон за испитување на потеклото на имотот, па дури и самите крадци предлагаа закони за легализација на украденото, ако сами пријавеле и ако десетина проценти од тоа ѝ дале на државата. Ќе ги врателе парите од странските сметки и така ќе се развиела економијата, ќе се решела сиромаштијата. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ триесет години ја реализираат таа идеја, особено пред секои избори. Ете и деновиве, политичкиот комесар за борба против корупцијата, вицепремиерот Николовски, пред овие избори повторно се бави со тоа прашање. А да се погледне самиот и да се сврти околу себе, можеби ќе добие некоја друга идеја?, вели Петар Гошев во интервју за Дојче Веле.

 

Дојче Веле


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1