ММС

Објавено на: 09/7/21 10:55 AM

Македонците чуваат пари за не дај Боже – Граѓаните за време на корона кризата заштедиле неверојатни 300 милиони евра

Македонските граѓани за време на корона-кризата заштедиле неверојатни 300 милиони евра. Статистиката на Народната Банка покажува дека од март лани до јули годинава или за само 17 месеци домаќинствата ги зголемиле своите заштеди кои ги чуваат во банка за точно 293 милиони евра. Така вкупните заштеди на граѓаните на штeдните книшки во домашните банки во јули годинава, до кога е последниот податок на Народната Банка достигнаа 4 милијарди 774 милиони евра, а во март лани биле 4 милијарди 481 милион евра. Бројките говорат дека поимотните граѓани за време на корона-кризата ствале во просек по дополнителни 17,2 милиони евра месечно на своите банкарски конта. Или само за 7 месеци од годинава ги зголемиле своите заштеди за нови 136 милиони евра или само годинава месечно во просек на банкарските книшки се ставале по 19,4 милиони евра.

Феноменот на штедење за време на криза не ги изненадува експертите. За социолозите тоа е нормална реакција на човечката психа. Според професорот Илија Ацески од УКИМ стравот од неизвесноста го вклучува алармот за штедење поради што граѓаните се откажуваат и штедат на се што сметаат дека не им е нужно потребно во моментот.

„Кога ви се најавува некое зло-криза, најголем број од луѓето, барем тоа покажуваат истражувањата, губат интерес за голем дел од она што претходно планирале да го купат. И практично овие речиси две години ние сме го изгубиле тој потрошувачки менталитет. Тоа е последица на тој социо-психолошки момент кога не знаеме што ќе се случи утре, ќе имаме ли приходи, пензии, ќе ни биде ли загрозена основната егзистенција – изјави за ММС социологот Илија Ацески.

Податоците на Народната Банка  покажуваат дека вкупните депозити заклучно со јули годинава кои се чуваат во банките во земјава достигнаа рекордни 7,3 милијарди евра. Или за 17 месци во периодот на корона-кризата од март лани до јули годинава пораснаа за фантастични 646 милиони евра. Во март лани во банките се чувале вкупно 6 милијарди 653 милиони евра-покажува статистиката на Народната Банка.

(А.С.)

Фото: getbybus.com


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1