ММС

Објавено на: 09/6/21 7:27 PM

„Жива сум, нели ме гледате!“-Радовишанката Паца Чајева два месеци останала без пензија оти, вели, ПИОМ ја прогласил за почината

На шеесет и две годишната радовишанка Паца Чајева веќе два месеци не и легнува пензија на нејзината сметка, бидејќи, како што вели таа,  Фондот за ПИОМ ја прогласил за почината.

„Жива сум, зарем не не гледате.“ – вака таа веќе два месеци се обидува да им докаже на своите сограѓани-службеници во подрачното одделение на ПИОМ во Радовиш дека е жива.

Тие ја информирале дека во нивниот систем најмалку два месеци таа се води во графата за починати лица. Кажале и дека грешката не е до нив туку дека е во ПИОМ во Скопје. Но, иако неколку пати по мејл го информирале Фондот во Скопje – сепак на сметката на Чајева два месеци не и легнува пензија. Чајева е пензионерка  од февруари годинава, а пензија добивала се до јули. Но, голготата почнала кога отишла да си ја подигне пензијата и видела дека на сметка имала само 2.950 денари, и кога од банка и кажале дека се води како оставина од починат.

„ Веднаш отидов во ПИОМ Во Радовиш и тие испратија мејл до Скопје и ги информираа дека не сум почината. Тоа што се водеше како оставина од починат беше разликата која требало да ми ја исплатат за периодот додека се пресмета износот на пензијата Но, стигна време и за августовската пензија и пак на мојата сметка нема ниту денар. Пак отидов во ПИОМ и не знам колку пати бев до сега. Се праќаа мејлови и се слушаа со служнбеници во Скопје. Но грешката не е исправена. Ми кажаа дека сум влегла во графата на починати лица. Како ?! Никој не знае да објасни. Последно ги прашав „жива сум зарем не ме гледате“ зошто Радовиш е мало место и секој има некој кој го познава. И се заканив дека ќе тужам за оваа неправда – раскажува револтирана Чајева.

Кога не ја добила јулската, а сега и августовската пензија и кажеле дека најверојатно, ако грешката се исправи во Скопје, тогаш трите пензии ќе ги добие кога ќе се исплаќаат септемвриските пензии. Таа вели дека образложението било дека и да се среди работата порано, Фондот нема вонредни исплати на пензии.

ММС се обрати во Фондот за пензиско во Скопје како е можно живо лице да прогласат за починато и зошто до сега не е исправена грешката? Но, од таму се без конкретен одговор. Само информираа дека Чајева пензијата за јули и за август ќе ја добие утре.

 

„На 9.02.2021 година лицето П.Ч. од Радовиш се стекнало со право на старосна пензија со аконтативен износ на средства на привремено решение. На 15.06.2021 Филијалата на Фондот на ПИОСМ во Штип носи конечно решение за стекнување со право на старосна пензија. Од страна на Одделението за исплата направена е пресметка за доплата, заради тоа што е зголемен износот на пензијата според конечното решение. Овие средства, како разлика, на лицето П.Ч. се исплатени на крајот на јули, кога Фондот на ПИОСМ ги исплати пензиите на корисниците. Пензиите за јули и за август на сметката на П.Ч. ќе бидат исплатени утре.“- одговорија од Фондот за пензиско.

Чајева веќе се консултирала со адвокат за целиот случај. Вели не е возможно поради нечија грешка моето семејство да биде оставено без приходи веќе два месеци.

-Дојде и сезона на зимници, а требаше да купиме и дрва за зимово, но како без пари – прашува таа.

(А.С.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1