ММС

Објавено на: 09/6/21 3:27 PM

Ќе изумреме од тешки болести додека да се спасиме од корона – Зошто е намален бројот на хематолошки малигни заболувања

Септември е светски месец за подигнување на свеста за хематолошки малигни заболувања (леукемии, лимфоми и миеломи), а поради пандемијата со ковид-19 вирусот, луѓето заборавија дека постојат и други животнозагрозувачки болести па не одат многу често на превентивни прегледи.

Бројот на новодијагностицирани пациенти со леукемии, лимфоми и миеломи во 2020 година е намален за половина во однос на  2019 година, што е прилично невообичаено. Согласно податоците на Универзитетската Клиника за хематологија во 2019 во Македонија биле дијагностицирани 150 лимфоми, во 2020 до август – 74, оваа година за истиот период има само 52 случаи. Од почеток на пандемијата до денес во континуитет има пад на бројот на дијагностицирани лимфоми, што укажува на ненавремени прегледи и дијагностика.

Д-р Мирјана Бабамова од ХЕМА здружението за поддршка на пациенти со хематолошки заболувања вели дека стравот од коронавирусот предизвикал се помал број на лица да се јавуваат на редовни прегледи.

– Луѓето не доаѓаат на прегледи оти се плашат да не се заразат. Не се свесни дека има големи сличности во симптомите помеѓу грипот, ковид и леукемија. Може да се јават симптоми како покачена телесна температура, треска, замор,ноќно потење,повторувачки инфекции,недостаток на здив и друго. Луѓето мислат дека не е ништо сериозно, но мора да се јават на лекар. Ако дојдат подоцна, болеста може да се дијагностицира во доцна фаза, кога можноста за излекување е намалена и може да доведе до смртен исход – истакна Бабамова.

Секоја година во Македонија околу 500 лица се дијагностицирани со некој вид на леукемија, лимфом или миелом. Леукемијата е најчест тип на рак дијагностициран кај лица од 0-29 години. Во светот над 309.000 лица умираат годишно од леукемија. Околу 74% од глобалната популација не знае дека лимфомот е тип на малигно заболување.

Дополнително, лицата со хематолошки малигни заболувања се во имунокомпромитирачка состојба, и при вакцинација против КОВИД-19 не секогаш ја добиваат истата заштита како здравата популација. Вакцинацијата на целата популација и другите заштитни мерки(носење заштитна маска и држење дистанаца), се најдобриот начин за заштита на овие лица.

ХЕМА го одбележува септември со апел до граѓаните за редовни прегледи кои можат да им го спасат животот. Оваа година во кампањата се придружија голем број на естрадни уметници со кои се снимени повеќе кратки видеа со апели до граѓаните за редовни прегледи.

Орце Костов

фото: Клиника за Хематологија, здравство.мк

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1