ММС

Објавено на: 09/5/21 7:28 PM

Неправедно е ремито со Исланд, фудбалот се игра 90 минути, рече Боби Милевски откако Македонија пропушти победа во Рејкјавик

Македонската фудбалска репрезентација се оддалечи од првите две места по второто реми во низа за четири дена откако прокоцка предност од два гола против Исланд во Рејкјавик.

По неефикасниот меч против Ерменија, Македонија на ова гостување покажа одлична игра, но заборави дека натпреварот не се игра до 70-та минута, туку до 90-та. Токму во првите 70 минути избраниците на селекторот Боби Милевски беа одлични. Дарко Велковски во 12-та минута погоди за водство, а Езџан Алиоски со соло-продор биеше по земја за предност од 0-2.

Во 78. Минута по една грешка на голманот Столе Димитриевски кој испушти топка по слободен удар, топката заврши во нозење на Инги Бјарнарсон кој намали на гол негатива. Синот на легендарниот Ејдур Гудјонсен, Андри Гудјосен дебитираше со гол по само 120 секунди од влегувањето на теренот благодарение на наивна грешка на нашата одбрана.

– Неправедно е ремито со Исланд, игравме перфектно до 70-та минута. А головите што го примивме, ги примивме по наша вина. После голот, психолошкиот момент беше пресуден. Македонија незаслужено загуби два бода на Исланд, но мора да мислиме на следниот меч со Романија – истакна Боби Милевски.

Следен е натпреварот со Романија кој е клучен во трката за второто место во групата кое води во баражот за пласман на Светското првенство.

– Нашата група е составена од подеднакво квалитетни репрезентации во која секој секого може да победи. До крајот има уште да се игра, ништо не е загубено. Психолошкиот момент ќе биде најважен за мечот против Романија. Многу е тешко вака да одиграте и две грешки да ве чинат два бода. Фудбалот се игра 90 минути, но тоа е тоа – додаде новиот селектор.

 

О.К.

Фото: ФФМ


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1