ММС

Објавено на: 09/5/21 3:15 PM

Левица поднесе кривична пријава против директорот на ДЗС, Беким Максути оти не ги сервисирал противпожарните авиони

Политичката партија Левица поради пожарите кои ја зафатија Македонија минатиот месец и притоа предизвикаа значителна материјална штета, поднесе  кривична пријава против директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути. Кривичната пријава е поднесена поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата” – казниво по чл. 353-в, ст.1 од Кривичниот законик на РМ, со можна затворска казна од три месеци до три години.

“Максути се терети дека во својство на службено лице, преку преземање на умислено и инкриминирано комисивно противправно дејствие (acta humana ilicita), односно необезбедување навремена проверка и сервисирање на противпожарните авиони и непочитување на временски рокови за склучување на потребните договори за сервисирање на авионите, пријавениот го отежнал процесот на планирање, организирање, финансирање и надзор за навремена превенција и отстранување на причините и последиците од природните непогоди. Со тоа, Максути го довел во прашање извршувањето на активностите и постапките кои се преземаат од инволвираните страни во процесот на организираното спроведување на заштитата и спасувањето од пожари!„ реагираат од Левица.

Според нив, на овој начин, со преземеното противправно дејствие, пријавениот постапил спротивно на законските одредби за совесно постапување при вршење на своите законски овластувања и должности, а дополнително предизвикал значителна материјална штета која сè уште не е проценета и чијашто сума, кога ќе биде проценета, ќе биде тешко надоместлива.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1