ММС

Објавено на: 09/4/21 2:02 PM

(видео)Даштевски: ДИК ќе обезбеди тајно гласање и брзо и перфектно броење на гласовите

Државната изборна комисија ги презеде од германската компанија „Дермалог” првите 200 уреди за биометриска идентификација на гласачи, т.н. фингер-принт читачи, кои за првпат ќе бидат употребени во Македонија на претстојните локални избори. Со овие терминали ќе се вршат обуките, а следните четири пратки ќе бидат од по 950 терминали, во третата пратка ќе биде доставен и софтверот-серверот  за полнење и празнење на овие терминали и до 1 октомври треба да се комплетира бројката на терминали и целосната дополнителна опрема. Апаратите ќе се полнат до 4 октомври и ќе бидат подготвени за општинските комисии и избирачките одбори.

„Прво ќе треба да се обучат обучувачи на тие избирачки одбори и поради тоа овие уреди во меѓувреме ќе бидат полнети со фиктивни податоци од тие кои се присутни таму. Ќе се пробува ракување со нив за да може да бидат подготвени на денот на гласањето. Податоците кои се префрлени од базите на МВР се криптирани, криптиран е и софтверот и податоците во гласачките машини и никој не може да ги отвори и види ниту избирачките одбори, дури и да се украде некоја машина тајноста е загарантирана”, рече претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

Терминалите нема да бидат поврзани со Интернет, ќе бидат оф лине и ќе биде избегната опасноста од хакерски напади. Обезбедени се литумски батериии со капацитет од 24 часа за гласачките места каде што постои ризик за прекин во снабдувањето со електрична енергија. Во секој апарат се наоѓаат податоци за само тоа гласачко место, нема шанси за полнење на кутии, на колективно гласање, гласање за друг како што беше во минатото и се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните. Гласањето на немоќните лица дома и гласањето во затворите  ќе биде по старо без отпечаток на прст, а така ќе се гласа и во случај ако се расипе машината за гласање со одобрување на ДИК.

Во рамки на потпишаниот договор вреден 11 милиони евра, „Дермалог” ќе се грижи за системот за функционирање на терминалите, како и за нивното одржување во следните четири изборни циклуси.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски во интервјуто за емисијата „Стадион ” на Радио Канал 77 гарантираше дека пребројувањето на гласовите ќе биде брзо и перфектно.

„Во тек е тендерската постапка и ќе избереме многу подобра фирма која ќе обезбеди стабилна апликација која нема да падне по многубројните прегледи и напади. Веќе имаме и ИТ стратегија, страната е многу подобра, поразлична, попрегледна, и никој да не се грижи и сомнева дека на локалните избори резултатите на веб страната ќе бидат прикажувани брзо и прецизно за целата јавност”, рече Даштевски.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1