ММС

Објавено на: 09/4/21 7:45 AM

Кога јас ќе умрам, ќе умре и мојот занает – Трајче Ѓорѓијоски од Кичево е последниот мајстор за капи

Последниот Кичевски капар Трајче Ѓорѓијоски, повеќе од пет децении се занимава со овој занает и како што самиот вели работа има се помалку, а поранешните навики на носење на капа се речиси пред исчезнување.

Тој во времето посетувал специјално училиште за изработка на капи во Суботица, каде како вистински мајстор се вратил во Кичево, за да им шие капи на своите сограѓани и на жителите од околните градови.

Но промената на начинот на живот до тој степен го маргинализирале носењето на капа, што денес ретко кој тоа го чини.Токму од тие причини мајстор Трајче има се помалку работа и се помалку заработува од занаетот кој во времето живот му значеше.

-Како што поминува времето така се менуваат навиките на граѓаните на Кичево и воопшто и во земјава. Порано речиси беше незамисливо секој повозрасен човек да нема најмалку две до три капи за секоја прилика по една. Денес речиси да не можам да се сетам кој носи капа и кој побарал да купи ваков производ.


Деновиве во градот престојуваат печалбарите и со исклучок на неколкумина кои побараа летни шешири од шаторски крила, само еден муштерија побара зимска капа и како што рече ќе ја носи од родното Кичево во Германија каде што живее, вели 80-годишниот Ѓорѓијоски, кој и денес во поодмината возраст со задоволство изработува капи, иако нивната побарувачка е речиси симболична.
-Јас додека сум жив и додека ме служи здравјето не можам да се одвојам од овој занает. Го работам од мали нозе и љубовта кон него никогаш не исчезнува. Оние муштерии кои бараат капи или шешири се претежно риболовци, работат на отворен простор или заминуваат на летување, за од сонцето да ги заштитат главите. Нивниот број е толку мал што на месечно ниво едвај да продавам дваесетина капи од сите видови, додава мајстор Трајче и констатира дека со неговата смрт капарството целосно ќе исчезне во градот, бидејќи нема кој да го наследи.

– Како што тече времето така се повеќе сум убеден, дека јас ќе бидам и последниот кичевски капар, нема кој да ме наследи, бидејќи воопшто нема интерес кај помладите да го превземат овој занает, се свесни дека од производство на капи не може да се живее, бидејќи побарувачката е симболична-додава мајстор Трајче, бескрајно расположен да разговара за капарството и времињата поминати со овој занает.
Не е во можност да плаќа дуќан и капите денес ги изработува во својот дом и како што вели, приходите не се доволни ниту за кирија, а камоли и нешто да остане.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1