ММС

Објавено на: 09/3/21 4:09 PM

Бугарија ни забранила влез во следните три месеци, а ние не знаеме

Со последната одлука на Република Бугарија донесена на 27 август, односно пред една недела, на македонските граѓани од 1 септември до 30 ноември им се забрани влез во Бугарија затоа што Македонија влезе меѓу државите во Црвената зона, односно во земји кои се најпогодени од коронавирусот.

Граѓаните кои изутринава тргнале кон Бугарија преку граничниот премин Деве Баир наишле на блокада од бугарските гранични службеници кои не им дозволиле да влезат во земјата и покрај тоа што имале вакцинален сертификат, односно негативен ПСР-тест или брз антиген тест.

-Вакцинирани сме и направивме ПЦР, бидејќи знаевме дека Бугарија тоа го бара, но не знаевме дека поради тоа комплетно ни е забранет влез. Да знаевме немаше ниту да тргнеме, ни рекоа дел од патниците.

Граѓаните не биле информирани за одлуката донесена од пред седум дена, а за ова не знаеле ниту полициските служби на граничниот премин Деве Баир.

“Не знаеме дали некои државјани биле вратени назад. Ние не сме добиле никаков допис ниту од Република Бугарија ниту од МНР дека има таква забрана за македонските државјани и затоа колегите не можат да  спречат некој граѓанин на македонскиот дел од границата ако тој уредно поседува ковид документи за патување“, рекоа за ММС од одделот за гранични работи и миграции за ММС.

Министерството за надворешни работи исто така не знаеше дали некои граѓани биле вратени назад поради некомплетни документи или поради тоа што ниту МНР ниту министерството за здравство не ги информирале граѓаните за новите услови за патување во Бугарија иако одлуката е стара седум дена.

Интернет-страницата на МНР со информации за ковид-19 е ажурирана и може да се види одлуката на Бугарија, „Обновена Заповед РД-01-733“ која ќе важи во следните три месеци.

Исклучок од забраната за влез во Бугарија се: бугарските граѓани, граѓани на државите членки на ЕУ, ЕЕЗ и на државите од Шенгенскиот договор и Конфедерација Швајцарија, членови на семејства (странци) на бугарски граѓани, странски државајни со привремено и постојано место на живеење во Р. Бугарија, медицински специјалисти, членови на државни делегации и дипломати, лица кои патуваат по хуманитарни причини, сезонски земјоделски и туристички работници, странци кои треба да земат бугарско државјанство, странски студенти со виза „Д“, лица со посебно одобрение на министерот за здравство или од него овластен.

Овие лица влегуваат во Бугарија под следните услови: со ковид сертификат за извршена вакцинација со две дози вакцини и 14 дена минати од последната примена вакцина или документ за прележан КОВИД 19, за период од 15 до 180 дена заедно со документ со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа, пред влегувањето во Бугарија.

Доколку не се исполнети условите или еден од нив, лицето се става под 10-дневен карантин дома или на наведена адреса, кој може да се разреши доколку се направи ПЦР тест со негативен резултат во првите 24 часа од пристигнувањето.

Исклучоци од поседување на горенаведените услови и документи имаат: транспортни работници и членови на екипажи за железнички, патен, авио и морски сообраќај, погранични работници, ученици и студенти кои живеат во државите во регионот, меѓу кои и Република Северна Македонија и кои патуваат најмалку еднаш неделно во Република Бугарија или, пак, ученици и студенти кои живеат во Бугарија и патуваат најмалку еднаш неделно во државите во регионот, меѓу кои и Македонија, лица кои минуваат транзитно, како и деца до 12 годишна возраст.

Македонските граѓани кои може да патуваат во Република Бугарија ги користат сите 3 граничните премини „Деве Баир’ – „Ѓуешево“, „Делчево“ – „Станке Лисичково“ и „Златарево“ – „Ново Село“.

 

Орце Костов

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1