ММС

Објавено на: 09/3/21 9:49 AM

Актуелните мерки за влез во Грција продолжени за уште една седмица

Документ поврзан со Ковид-19, пополнет PLF формулар и задолжително тестирање при пристигнувањето во земјата за оние кои од Северна Македонија патуваат во Грција со негативен тест, се актуелните мерките за влез кај јужниот сосед, што се продолжени за уште една седмица со одлука на грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19″ е веќе објавена во Службен весник на Грција, стапи во сила во 6 часот утрово, а е со важност до 10 септември 2021 година.

Продолжени се и воведените промени минатата седмица, што се однесуваат на патниците кои немаат сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од имунизацијата или потврда за прележан Ковид-19, односно патуваат со негативен ПЦР или рапид тест, а во Грција влегуваат од одредени земји, меѓу кои и Северна Македонија, која беше додадена на листата.

Овие патници, задолжително ќе бидат тестирани при пристигнувањето, а негативниот резултат е предуслов за влез во Грција.

Сите посетители „независно од државјанството и начинот на влез во земјата”, исто како и во изминатите речиси четири месеци имаат четири опции, во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со Ковид-19.

Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат. Втората можност е со негативен тест: или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно.

Поконкретно, за „сите патници, независно од државјанството и начинот на влез, кои во Грција пристигнуваат од Северна Македонија кои патуваат со негативен тест, предуслов за влез е да добијат  негативен резултат од задолжителното тестирање со ПЦР и рапид тест на влезните точки во Грција.

Задолжителното тестирање не важи за патниците кои имаат валиден сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од втората доза или потврда за прележана болест во изминатите шест месеци.

Третата опција се однесува на оние кои прележале Ковид-19 во изминатите шест месеци и може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест, а сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до 180 дена подоцна.

Европскиот дигитален Ковид сертификат е четвртата алтернативна можност за влез во Грција.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

Тестирањето, веќе е задолжително за патниците кои доаѓаат од Северна Македонија, а патуваат со негативен тест.

Од Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос на бројот на посетители или во однос на работното време.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1