ММС

Објавено на: 09/3/21 9:04 AM

Помалку од 30 ученици заразени со ковид на првиот училишен ден, МОН тврди дека мерките доследно се почитуваат

Учебната година почна пред два дена, а стравот кај родителите и пошироката јавност е голем затоа што учениците од основните и средните училишта во Македонија започнаа настава со физичко присуство и покрај високите бројки на заразени со ковид-19 во четвртиот бран на пандемијата.

Бројките од Министерството за образование за првиот училишен ден можеби ќе ги смират родителите на околу 257.000 ученици во Македонија, но не и на оние кои се заразиле ден по седнувањето во училишните клупи.

Според податоците добиени раководствата на училиштата на втори септември, меѓу учениците само 0,01% се активни случаи на ковид-19, а ист е процентот и кај настаниот кадар, соопшти МОН.

Нашите пресметки велат дека се тоа помалку од 30 ученици кои се заразиле на стартот од училишната година, а од министерството кое го води Мила Царовска тврдат дека во училиштата строго се почитуваат протоколите за заштита.

“Учениците, наставниците и другиот помошно-технички пероснал во училиштата задолжително носат заштитни маски во затворен простор, задолжително се мери телесна температура на влез во објектите и се прави дезинфекција на рацете. Исто така, постојано се проветруваат училниците и се прави честа дезинфекција на клупите и подовите. Брзата реакција и почитувањето на мерките е најдобрата заштита. Ги повикуваме наставниците, родителите и раководствата на училиштата доколку се сомневаат за позитивен случај веднаш да алармираат до здравствените установи и епидемиолошките служби кои ќе постапат согласно алгоритмите“, соопштија од МОН.

Министерството за образование и наука апелира на доследно почитување на протоколите за заштита, бидејќи минатогодишното искуство им покажало дека со практикување на мерките, училиштата не се трансмитери на заразата.

 

О.К.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1