ММС

Објавено на: 09/2/21 8:42 PM

Не пресудува партиската книшка, туку идеологијата, која ја носите во срце и душа, рече Максим Димитриевски

“Отсега Максим е Максим на квадрат и оди заедно со граѓаните во Куманово на голема победа за да ја врати суштината на социјалдемократската мисла и идеја, онаа што е најбитна во секоја партија, тоа е идеологијата и суштината, а не лукративниот пристап и клиентелизмот, дворските игри или византиските игри и сите оние останати работи кои што се типични за Балканот, но за жал не се практикуваат повеќе во повеќето модели во државите во Европа и во светот”, вели Димитриевски во вечерашното гостување во Тема на денот во Дневникот на Сител телевизија, додавајќи дека не станува збор за борба за функции, туку се работи многу повеќе за внатрепартиската демократија, внатрепартиското разбирање, и партијата не може да функционира како акционерско друштво а уште помалку како приватна фирма како што вели тој.

Димитриевски јавно праша дали сите оние социјалдемократи, симпатизери, членови на партијата кои се потпишаа на листата од 1250 поддржувачи во Куманово, каде повеќе од 50 % се токму членови на СДСМ  ќе бидат исклучени од нивната матична СДСМ.

„Не може партијата да има таков пристап. Да, статутот е јасен, но тој има строго дефинирани правила и постапки како се постапува при носење на одлука за исклучување од членството. И на крајот на краиштата, не е партиската книшка таа која пресудува каква е вашата идеологија. Идеологијата ја носите тука, во срце и во душа. Јас пораснав во таа партија, заедно со многу мои другари” истакна Димитриевски.

За Димитриевски главен приоритет во вршењето на должноста било и ќе биде работење во служба на граѓаните, и токму затоа е убеден дека неговиот концепт ќе победи.

„Мојот приоритет до сега и понатаму било вршење на мојата функција која ја добив од граѓаните, а тоа е да работам за Куманово и општината и да се грижам да ги намалам комуналните проблеми што ги имаме во градот. Заедно со граѓаните коишто дадоа голема поддршка на мојата граѓанска иницијатива одиме во една нова победа за наше Куманово, бидејќи тоа е приоритетот за сите Кумановци. Граѓаните се уморни од политика, и приоритетот е и ќе биде решавање на секојдневните проблеми. Очекувам поддршка на овие избори од сите и јас сум повеќе од убеден дека заедно со граѓаните овој концепт ќе победи и ќе биде пример во државата како се развива демократскиот капацитет, а воедно ќе биде пример во државата како се работи за сопствената општина”, изјави тој.

Тој уште еднаш посочи дека искрено жали за внатрепартиските случувања и посочува дека обврска на секој член е да ја променат партијата одвнатре, осврнувајќи се на причините како всушност дојде до внатрепартиските несогласувања кои понатаму ексалираа во интриги и манипулации од поединци во високото раководство на СДСМ, како што вели Димитриевски.

„Максим Димитриевски имаше различни ставови уште од почетокот на самиот мандат. Ако се сеќавате на обидот на назначување нов директор во детските градинки. Недемократски беа одземени ингеренциите на локалната самоуправа во поставување на директорот во детската градинка и токму потоа имавме проблем со труење на деца во истата градинка – случај кој ден денес не е разјаснет, во период и мандат на истиот тој директор кој што лично сакав да го променам бидејќи не го поддржувам концептот. Дополнително, ако се сеќавате, дојде до проблеми кога парите од фондот за иновации беа дадени на блиски луѓе. Ние не се боревме против тоа, ние се боревме да функционираме поинаку, а всушност ние функциониравме во тој момент исто како претходната власт. Корона кризата ја прелеа чашата. Концептот да се примени техниката на делување како во Дебар кој се покажа успешен, не беше прифатлив во Куманово, до ден денеска од непознати причини за мене, јас завршив така како што завршив – со кривична пријава, дека наводно сум го напуштил домот за време на изолација, а денес сме сведоци на многу луѓе кои се позитивни и слободно се шетаат низ градот и никој не реагира. И на крај, реакциите во делот на ставовите со Бугарија и интервјуто во БГНЕС кај што јас реагирав бидејќи не верувам и уште не верувам, и стојам на тие ставови дека бугарите во втора светска војна не го ослободија Куманово, туку го ослободија кумановци, македонци и сојузничките партизански сили. И драго ми е што веднаш потоа премиерот се согласи со тие ставови, но факт е дека многумина имаат замерено на тоа и затоа треба да разговараме во иднина, а сега да се сконцентрираме на приоритетите – а тоа се локалните проблеми и што ќе понудиме, како и да објасниме на граѓаните што всушност ние досега испорачавме до нив. Но, ме чуди фактот како може да се променат толку кандидати, на ниво на цела држава, дали тоа мојата партија признава дека имавме неуспешна локална самоуправа? Не можам да се сложам, сметам дека голем број од тие луѓе беа квалитетни, дадоа сѐ од себе, работеа во многу тешки ковид услови, со општини кои беа финансиски заглавени и најголем дел од нив се сѐ уште заглавени и тоа им беше едноставно благодарам на нивното посветено работење. Всушност, се работеше на тоа да се позиционираат што поблиски луѓе до одредени лица на врвот на партијата”, посочи Димитриевски.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1