ММС

Објавено на: 09/2/21 4:11 PM

Ацо Велковски: За прв пат во Општина Лозово се работеше и на економскиот развој (видео)

Општина Лозово е новоформирана општина, порано беше дел од општина Свети Николе, но и денес зафаќа дел од Овче Поле. Општината е лоцирана во централниот регион на земјава и преку нејзиното седиште, селото Лозово, поминува главниот пат од Велес за Штип, како и железничката линија.Во општината има 11 населени места и брои според податоците од последниот попис 2800 жители. Мал број на жители но со голема површина, пред се земјоделска.

Градоначалник на Општина Лозово е Ацо Велковски. Млад човек, семеен човек. Работел во МВР но и во приватниот сектор.

Во интервјуто за Моја Општина разговараме за состојбите во општината, за предизвиците, за урбанизацијата на оваа рурална општина, легализацијата, за економските можности..

„Местополжбата на општината придонесува многу за развојот на нашата општина, вели градоначалникот на Општина Лозово, Ацо Велковски.

„Општината има 11 села , од нив 9 се населени, во две села има само по двајца жители и се во ридските делови. Функцијата што ја извршував во МВР помогна во решавањето бројни проблеми и за општината и за жителите од причина што нашата работа беше оперативна, имавме контакт со секаков вид на луѓе, а бидејќи сум роден тука во селото Лозово ги познавам сите луѓе до еден. Ние сме тука 2800 луѓе, се соочувавме со една миграција и целата оваа ситуација, самиот тој спој , за мене беше предизвик да се кандидирам  и да дадам свој придонес, да се променат работите,“ образложи Велковски.

Во врска со условите за работа, тој вели дека Општина Лозово до пред две години, немала општинска зграда, имало само две простории сместени во М.З Лозово. Денес општината има своја зграда со околу 400 метри квадратни и 24 канцеларии. Тие се комплетно реновирани а администрацијата ја има целата потребна опрема, за да услугите кон граѓаните бидат многу побрзи и поедноставни.

„Бидејќи општината е мала, луѓето тука доаѓаат и бараат решение на нивните проблеми и покрај тоа што многу од тие проблеми не се во надлежност на општината, како што се земјоделие, сточарство , лозарство, субвенции, но секако ние се трудиме иако немаме надлежност сепак да прашаме , да се информираме и луѓето задоволни да си заминуваат од тука. Наша обврска е да имаме конекција со Централната власт и тоа го правиме. Ако порано само за да се информираат мораа да одат во Свети Николе или во Скопје, сега ние од тука се обидуваме да ги решаваме нивните проблеми,“ вели Велковски.

Тој вели дека со фактот што е роден тука, ги познава луѓето ги знае нивните проблеми и потреби. Во секое населено место, посебно руралните средини , нормално е прво да бидат решени проблемите со водовод, канализација, улици, патишта, тротоари, луѓето да се чувствуват убаво. Состојбата била катастрофална, но вели сега, работите биле променети.

„Први сме во регионот па и  во државата со 97% приклучоци во водоводната мрежа. Со решавањето на проблемите со водоводот и канализацијата се јави потребата за изработка на проекти за асфалтирање на улици. За неполни 3,5 години асфалтирани се 53 улици во сите населени места. Општината доби нова градинка, во реновирана зграда стара 100 години, при крај е изградбата на спортската сала, општината доби и Мултифункционален културен дом а за прв пат имаме и две инвестиции, Фабрика за сточна храна во близина на селото Каратманово а во тек е и изградбата на биогасна станица за произвоство на 2 мегавати електрична енергија. Вредноста на инвестицијата е 7 милиони евра. Веќе има преговори со германска фирма за фабрика за палети и изградба на фотонапонски панели. Овие инвестиции многу ќе помогнат во развојот на општината,“ додава Велковски.

Во врска со поддршката и соработката со Советот, вели дека имале одлична соработка. Имало и различни мислења, што е нормално кога има опозиција, но смета дека во сите оние случаи  кога требало да се донесува одлуки за општината , кога проектите биле добро образложени , одлуките секогаш биле едногласни. Општина Лозово за прв пат ќе добие урбанистички план. Тој веќе бил во Министерството за транспорт и врски  и од таму се чека согласност.

„Тоа е нашата основа за да се напредува, за да продолжиме со инфраструктурата, а во наредниот период очекуваме а веќе и предвидовме и средства во малите места да донесеме и урбанистички планови, а со новиот закон за легализација луѓето ќе можат да си ги легализираат објектите што ги изградиле. Ние сме подготвени да им излеземе во пресрет“ вели градоначалникот на Општина Лозово.

Доста прашина се дигна во врска со најавената инвестиција за изградба на кафилерија, за што опозицијата обвинува дека ќе доведе до загадување на животната средина. Велковски вели дека нема да има такво нешто .

„Нормално е да се критикува, но тоа да биде со докази и аргументи. Овде опозицијата се обиде да ја изманипулира јавноста , дека ќе се случи некаква катастрофа.Јас тврдам дека сме една од најчистите општини со нула проценти загадување. Ние тука немаме тешка индустрија , нема ни да имаме. Нашата индустриска зона то веќе ја имаме во Општина Лозово е со намена за лесни незагадувачки објекти. Доколку дојде до реализација на изградбата на фабриката за палети и фотонапонските панели, тие не загадуваат и нема да загадуваат,“ смета Велковски.

Според Велковски  без поддршка на Централната власт, малите рурални општини, тешко дека ќе ги реализираат сите оние проекти кои што се предвидени и за кои што граѓаните имаат неопходна потреба. Во врска со она што треба да промени Централната а што идната локална власт, смета дека треба да се зголеми приливот на средства во општините што се добива од распределбата на земјиштето во државна сопственост.

„ Ние сме оставени како општина со мал број на население ама со поголема територија. Кај нас има околу 5500 хектари обработливо земјиште. Од тие 5000 хектари се државно земјиште  кое речиси 7-8 години не беше обработено и ние како локална самоуправа во разговор со Централната власт, со Министерството за земјоделие, побаравме земјата да биде поделена на идни инвеститори, кооперанти, индивидуални земјоделци и тоа се случи пред две години. Имаше три огласи за доделување на земјиштето до три хектари и над три хектари. Во моментов има и јавен повик да се дораспредели целата земја, да се испарцелизира. Бенефитот го имаме и ние како локална власт и државата, зошто со распределбата секоја година процентот паѓа во корист на општините. Беше 80/20, па 70/30 сега е 50/50. Сега можам да кажам, за прв пат во нашата општина од идната година ќе можеме да функционираме не така самостојно, но ќе имаме еден прилив на средства во нашиот буџет и ќе можеме некои мали ситни проекти, да си ги изреализираме сами, да не бидеме толку зависни од Централната власт.

На прашањето дали би постапил поинаку  да е сега на почетокот на својот мандат, Велковски вели дека сега е многу поразлично, но и дека стекнал добро искуство. Смета дека секој пред да почне со градоначалничката функција треба прво да се преиспита, зошто сака да биде градоначалник а потоа и како и на кој начин ќе ги реализираат проектите.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1