ММС

Објавено на: 09/2/21 1:52 PM

Бебето од Авганистан нема да се вика Зоран, Бујар или Македон, одбрано традиционално име со силна порака- Ахмад Ислам Фаик

Мајката и бебето кое пред два дена се роди на Клиниката за гинекологија се чувствуваат добро и денес ќе излезат од болница. Ова за ММС го потврдија од Црвен Крст на Град Скопје, кои се задолжени за грижата на 149те бегалци од Авганистан, кои во понеделникот вечерта пристигнаа на скопскиот аеродром.

Бремената жена уште вечерта, по слетување беше пренесена на Клиниката за гинекологија, а следниот ден роди здраво машко бебе. Од тогаш не престана да се претпоставува како ќе се вика бебето, бидејќи, со оглед на состојбата во нивната татковина, среќата, сепак, ги дочека во Македонија и затоа се очекуваше бебето да добие име по некоја наша личност, или, пак, по државата.

„Ќе се вика Зоран, по премиерот“, „Ќе  му дадат име Бујар, по министерот, тој ги пречека“ или „Ќе му стават име Македон, бидејќи се роди во Македонија“ се само дел од претпоставките за тоа кое име ќе го добие 150тиот член на групата бегалци од Авганистан.

ММС побара информација од ГАК дали знаат какво име му е дадено на бебето, а од таму ни рекоа дека нивна обврска се податоците на мајката и таткото, додека бебето може и без име да си замине од болница, но и да знаат дека нема да кажат.

Затоа ММС преку свои извори, сепак, успеа да го дознае името на бебето. Нема да се вика ниту Зоран, ниту Бујар или Македон, туку дека по желба на родителите ќе се вика Ахмад Ислам Фаик. Зошто токму овие имиња, секако дека не успеавме да дознаеме од среќните родители, но затоа на интернет  најдовме кое значење го имаат овие имиња.

Првото од трите имиња, името Ахмад е традиционално исламско име и значи благодарност, односно оној кој постојано му се заблагодарува на Бога. Името Ислам значи послушност и покорност кон Бог, додека, пак, името Фаик, значи супериорен, важна личност.

ММС се обрати до Црвениот Крст за да дознае дали се е подготвено во хотелот за пречек на бебето и дали евентуално ќе му се направат мекици, како што е традиционалниот пречек на новиот член на семејството во Македонија. Од таму ни беше потврдено дека утрово им биле однесени потребните намирници за бебето, дека денес ќе ја напуштат болницата, а за утре во хотелот планирано е да се однесат мекици.

-Денес излегуваат од болница, а утре ние ќе однесеме 200 мекици за да им покажеме на Авганистанците каков е обичајот кога бебе се раѓа во Македонија. И мајката и бебето се чувствуваат супер, затоа и ќе бидат испишани од болница.  Утрово од Црвен Крст им е однесена облека, транспортер, ќебенца, ќе ги превземат мајката и бебето и ќе ги однесат во хотел. Денес се нарачани 200 мекици, а во групата се 149 луѓе,  а сега со бебето се 150, ни рече д-р Сузана Тунева- Пауновска, секретар на Црвениот Крст на Град Скопје.

(В.М.)

Фото: Вангел Тануровски

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1