ММС

Објавено на: 09/2/21 12:29 PM

„Не сум антиваксер ама стравот е голем“ – Бремените жени во паника, дали да се вакцинираат и која вакцина е најдобра за плодот

Јас прележав ковид-19 и сега сум бремена. Да не бев бремена ќе се вакцинирав. Не сум анти ваксер, но сега се плашам! Ова е размислување и оправдан страв само на една бремена жена, која не е единствена. Бремените жени се во прашалници и паника, не знаат дали да се вакцинираат или да почекаат додека се породат.

Дали вакцината ќе влијае негативно врз плодот или не и колку вакцините се безбедни за бремените жени се само дел од многуте прашања што ги мачат идните мајки, а како што велат, од Министерството за здравство воопшто нема објаснување и совет како да постапат.

Во нашата редакција се обратија повеќе идни мајки кои ги мачи оваа дилема и кои секој ден го поминуваат почитувајќи ги мерките и стравот од зараза. Една од тие мајки која е во дилема, а не е единствена, е водителката Милена Антовска Станковска, која е во 19тата недела од бременоста, ја чека својата втора ќерка.

-Имам право да барам одговори бидејќи сум загрижена. Јас прележав и сега сум бремена. Да не зборувам дека имам и некои здравствени проблеми за кои се вели дека не е баш безбедно да се вакцинирам. Не сакам да експериментирам врз бебето што го носам. Да не бев бремена ќе бев вакцинирана иако имам клеточен имунитет, за кој сите доктори велат дека е поважен од оној што се добива од вакцините. Не сум антиваксер, напротив, сите вакцини сум ги примила, исто така и мојот сопруг и нашата ќерка. Но, не може никој да се кажува дека е безбедно да се вакцинираат бремени жени и тоа да нагласуваат дека само со “ Фајзер”. Има докази? Има ли некое дете што е веќе родено а додека било во стомакот на мајката таа се вакцинирала, вели загрижено водителката и додава:

– Дали тие што сега буквално ме тераат да се вакцинирам, а јас се плашам заради здравјето на бебето што го носам, имаат сестри, сопруги, пријателки, роднини.., што се бремени и се вакцинирале? Има ли некоја одлука на светско ниво? Нека ми кажат, па може стравот ќе ми помине! Не ми е ни до кафеани, ни до кафулиња, ниту, пак, одам во молови секој ден, туку се чувствувам дискриминирано и исплашено. Навистина се чувствувам дискриминирано и барам од Министерството за здравство на нас бремените да ни објасни како да постапиме, вели Милена.

И друга идна мајка има свое видување и, како што вели, голем страв, бидејќи ниту прележала, ниту е вакцинирана, а за некој месец го очекува своето прво дете.

-Внимавам многу, се пазам колку можам. Досега, му благодарам на Бога , не се заразив, а се надевам дека додека да се породам ќе се зачувам. Не сум анти ваксер, но доаѓа зима, лугето ќе бидат на затвроено, каде шансите за трансмисија се многу поголеми. Видовме лани месеците пред Нова Година што се случи. Затоа за да се заштитам и јас и бебето, би сакала да се вакцинирам, но ми е страв да не направам поголема беља. Никој со сигурност не ми кажал со која вакцина да се вакцинираат бремените жени или воопшто да не се вакциираат, вели идната мајка, чиј идентитет е познат на редакцијата.

ММС сите прашања кои ги мачат трудниците ги упати на адреса на Министерството за здравство.

-Во нашата редакција се јавија многу трудници кои не се антиваксери, но не се доволно информирани и не знаат што да прават. Некои од нив го прележале вирусот од пред неколку месеци, во меѓувреме останале бремени и сега не знаат дали да се вакцинираат, бидејќи сметаат дека имаат антитела. Други, пак,  велат дека не го прележале вирусот и сакаат да се вакцинираат, но се плашат за плодот. Велат дека матичните гинеколози кревале раменици во однос на тоа која вакцина е најдобра за трудници и дали воопшто да се вакцинираат. Тие едноставно се плашат да не настанат компликации од вакцината бидејќи не знаат дали и колку се безбедни вакцините за плодот, се дел прашањата кои ги упативме до Министерството за здравство.

Но, од таму веќе четири дена нема никаков одговор.  Со желба да им помогнеме во дилемите истите прашања ги упативме и на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје. Од таму ни писмено ни одговорија.

-Деновиве ќе се излезе со став во врска со дилемата, која се јавува кај голем број трудници –  дали бремените жени треба да се вакцинираат, во кој период од бременоста и со кои вакцини. Иако имунизацијата е личен избор на секој човек, сепак, разбирливо, трудниците како една од поранливите категории се соочуваат со голем број прашања во врска со тоа, имајќи ја предвид безбедноста и на својот плод. Од тие причини, ЈЗУ У ГАК-Скопје ќе излезе со унифициран став базиран врз студии од светски релевантни медицински институти, кои се темелат на истражувања во кои се опфатени сериозен број испитаници од оваа категорија, се вели во писмениот одговор од ГАК.

(В.М.)

фото: www.themotherbabycenter.org/


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1