ММС

Објавено на: 09/1/21 11:54 AM

Негативен ПЦР тест или прележан Ковид за влез и излез во земјава

На новинарско прашање која е логиката да се бара негативен ПЦР тест за излез од државата дури и за земји кои го немаат воведено ПЦР тестот како задолжителен, владиниот портпарол, Муамед Хоца истака дека оваа мерка е придонес за поддршка на масовната имунизација како најсоодветен одговор за спречување  на ширење на вирусот Ковид 19.

„Мерката е израз и наша определба да направиме се што е направено  во нашата земја да биде препознаено како земја која води активни политики за имунизација и која не треба да се препознава како земја извозник на вирусот треба да се има предвид дека постапката за обезбедување доказ за вакцинација или за прележан Ковид 19 е вообичаена постапка за проверка на граничните прмини за влез во огромен број на европски  и светски земји кои граѓаните треба да ја испочитуваат со што оваа мерка веќе во голем процент и се спроведува“, рече Хоџа и истакна дека сите мерки кои ги донесува Владата на РСМ се по препорака на Комисијата за заразни болести.

Тој надополни дека во поголемиот дел на државите при влез од други држави треба да се приложат истите документи, така што секој граѓанин кој планира да излезе од државата и да патува во поголемиот дел на европските држави или светски треба да се приложат истите документи, сертификат за вакцинација за две дози и ПЦР негативен тест 72 часа, рече Хоџа.

Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница ги дополни мерките за спречување на проширувањето на вирусот што ја предизвикува заразната болест КОВИД-19 со кои од 1 септември 2021 година домашните и странски државјани и за излез од територијата на Република Северна Македонија на граничните премини ќе мора да приложат:

– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19; или

– Сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или

– Медицинска потврда со негативен резултат од PCR SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред излез од територијата на Република Северна Македонија, или негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез од државата.

Владата ја дополни и одлуката за задолжителен домашен карантин во траење од 7 дена доколку при влез во државата немаат негативен ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19, при што времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани. Трошоците за изолација на странските државјани е на нивни трошок.

Владата денеска донесе измени со кои се предвидуваат исклучоци од оваа мерка за наши државјани возачи на товарни моторни возила, како и за возачи на товарни возила странски државјани кои транзитираат низ земјата.

На денешната седница е усвоен и исклучок од мерката за транзит за авионските екипажи кои слетуваат на меѓународните аеродроми во земјата, според кој наместо 5 часа им се дозволува подолг транзит престој заради природата на нивната работа.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1