ММС

Објавено на: 09/1/21 10:55 AM

Благој Илиев: Руралните општини да добијат повеќе надлежности но и да се зголеми контролата на веќе дадените (видео)

Општина Конче е рурална општина со единаесет населени места од кои седум се активни. Има 3600 жители.Општината е лоцирана во централниот дел на државата, нема развиена индустрија, населението се занимава главно со земјоделие. Она со што може да се пофали оваа општина е чиста еколошка средина како и езерото Mантово кое што припаѓа на територијата на оваа општина.

Градоначалник на Општина Конче е Благој Илиев, млад човек, семеен човек, правник по професија. На функцијата градоначалник доаѓа од приватниот сектор. Ова е негов прв мандат.

Градоначалникот на Конче во интервјуто за Моја општина , зборува за предизвиците што ги носи функцијата градоначалник, за проблемите, за децентрализацијата, легализацијата, екологијата, законските можности, соработката со централната власт, за искуството…

„Да се биде градоначалник на една мала општина, значи да се биде многу посветен, бидејќи самите ресурси со кои располага општината, капацитети, самите можности се многу ограничени и затоа треба дополнителен труд, напор и работа, да се биде посветен за да се успее да се реализираат проекти, за да се успее да се отвараат можности за луѓето и да се постигнат некои цели коишто општината треба да ги понуди како развој и бенефит за граѓаните, вели градоначалникот на Општина Конче“, Благој Илиев.

Тој вели дека на почетокот на мандатот општината имала слаб финансиски капацитет, лоша ликвидност, заостанати долгови, многу стара опрема, па поголемиот дел од надлежностите немало услови да ги извршува. Првата цел била да се консолидираат трошоците и да се воспостават надлежностите во кои општината има ингеренции- водовод, канализација, собирање смет. Многу од обврските што ги има општината не се извршувале

Бидејќи општината располагала со многу малку средства, доволни само за плата и за изработка на некоја техничка документација за да може некаде да се аплицира, активностите морале да се насочат кон изработка на проекти.

„Аплициравме секаде каде што имаше повик, во Министерствата , за ЕУ фондовите, Светска банка, за донации, Амбасади. Аплициравме насекаде и за наша среќа се реализираа многу проекти коишто не беа од даноците на граѓаните, туку од други извори. Помогна многу и соработката со Владините институции коишто ја даваа поддршката за лобирање за добивањето и реализирањето  на бројните проекти,“ додаде Илиев.

Тој посебно се гордее со отварањето на детската градинка која има капацитет за 50 деца, изградбата на спортската сала, нешто што по 50 години е најголема капитална градба и  што беше сон на многу генерации. Со пари од ЕУ фондовите, просторот околу езерото Мантово и инфраструктурата што таму се градеше изминативе години, придонесе оваа локација да стане достапна за посетители и туристи. Посебно интересен  е локалитетот „Влашки Колиби“.

„ Нема село каде што не сме изградиле по две-три улици, патеки, бунари во селата каде што имало потреба за тоа, водовод, канализација. Многу помогнаа и средствата кои што ги добивме од ТАВ програмата. Тука би го споменал и поставувањето на лед-осветлувањето. Успеавме за една третина да ги зголемиме уличните светла и сите улични светилки беа сменети со ново лед-осветлување и тоа не преку јавно-приватно партнерство туку сите остануваат на општината. Со тоа граѓаните имаат добро осветлување но и добар пристап до нивните ниви, за што се погриживме пристапните патишта да ги порамниме или тампонираме,“ вели Илиев.

Тој додава дека уште од самиот почеток на функционирање на Советот имал одлична соработка и секогаш кога требало да се донесе одлука за проекти од интерес на жителите, без разлика на политичката определба, добивал едногласна поддршка.

Што се однесува до урбанизацијата, Илиев вели дека кога стапил на функцијата градоначалник имало само три урбанистички планови. За изминатите четири години биле донесени четири. Останува да се донесе урбанистички план за уште едно населено место со 30 куќи. Изработени се урбанистички планови и околу езерото Мантово а во план е во наредниот период изработка на нови урбанистички планови, за да луѓето не градат дивоградби туку да си купат парцели и слободно да си градат.

„Планиравме да ја објавиме продажбата, направени се сите подготовки, но ќе мора да се почека да завршат локалните избори. Имаме две маркици за ресторани како и за хотел. Се надеваме дека приватниот сектор ќе може да инвестира а ние ќе се потрудиме да ја поттикнеме таа иницијатива со тоа што го подобривме пристапот, се поставува урбана опрема, клупи, патеки, работиме во делот на промоцијата,“ додава Илиев.

Во прилог на сето тоа е еколошки чистата животна средина. Во општината нема индустриски капацитети. Порано немало организирано собирање на смет, но сега и тоа е решено. Сепак тука многу е битна и свеста на луѓето кои што ги користат излетничките места, да внимаваат што оставаат зад себе кога ќе заминат откако уживале и се забавувале, зошто ќе сакаат пак да се вратат.

Што се однесува до соработката на општините со централнат власт, Илиев смета дека на локалните самоуправи треба да им се овозможи поголем степен на децентрализација.

„Од една страна да и пренесе надлежност а од друга страна да ја зголеми контролата и на веќе дадените надлежности коишто ги имаат општините. Посебно руралните општини би требало да добијат повеќе ингеренции во социјалната заштита, во сферата на земјоделието, посебно во креирањето на земјоделските политики. Кога нешто се креира локално секогаш е понепосредно, зошто неможе истата мерка истата политика да ја применувате во целата држава,“ додава градоначалникот на Општина Конче.

Илиев вели дека кога сега би бил на почетокот на градоначалничката функција не би направил ништо поинаку.

„Некои работи за кои што на почетокот би ме прашале  дали ќе може да се реализираат , би рекол дека не е можно, но со секојдневната работа и отворените можности, нивното реализирање стана реалност,“ додаде Илиев.

Градоначалничката функција, додава, бара целосно вложување и посветеност, кое што не би било возможно без поддршката на семејството, кој како што вели ја има безрезервно.

„ Мора да се најде баланс за да се биде успешен на сите полиња“ вели Илиев, кој што ја доби поддршката од своите сопартијци за да се бори за уште еден градоначалнички мандат.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1