ММС

Објавено на: 09/1/21 7:15 AM

Со враќање во училише ќе биде полесно за сите – Царовска им посака среќа на учениците и наставниците

Новата учебна 2021-2022 година започнува на 1 септември со отворени училишта за сите ученици. Министерката Мила Царовска во видео обраќање им посака среќа на сите ученици, наставници и родители. Според неа образовниот систем е целосно подготвен за тоа.

-Изминатиот период интензивно се подготвувавме, ги следевме препораките на надлежните здравствени институции, но и на светските организации како СЗО и УНИЦЕФ, изработивме протоколи за работа и ги преземавме сите други безбедносни мерки од здравствен аспект за да можат училиштата повторно да работат со физичко присуство на ученици и наставници, рече министерката Царовска, во видео обраќањето до учениците, наставниците и родителите по повод започнувањето на новата учебна година.

„На сите ученици им посакувам успешен почеток, многу нови знаења, достигнувања и успешно заокружување на уште една етапа од животниот пат. Имајте верба во себе, не се откажувајте од зацртаните цели и запомнете дека образованието е најважната ваша инвестиција во животот. Имате поддршка од наставниците и најважно, од вашите семејства и блиските. Верувам дека со враќањето на физичката настава во училиштата ќе биде полесно за сите“, вели Царовска и додава:

„Наставниот кадар е најважната алка во воспитно – образовниот процес. Од вас најмногу зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат. Измина една година од мојот мандат. Заедно изработивме многу, но и уште повеќе останува да се сработи. Вие сте носители на промените кои заедно ги создадовме и од кои очекувањата се високи. Верувам дека ќе дадете максимум за да ги постигнеме зацртаните цели. Влогот и досегашниот труд  се големи, а интересот е заеднички“, вели Царовска.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1