ММС

Објавено на: 08/31/21 8:35 PM

Успешно откриени терористички групи и обиди за акции во Скопје, рече Виктор Димовски на две годишнината од постоење на АНБ

Агенцијата за национална безбедност извршила безбедносни проверки на сите 149 бегалци од Авганистан, согласно протоколите на АНБ и во соработка со пријателските служби. Овие лица имаат виза за 90 дена престој, а потоа ќе  се уптатат каде што ќе им биде одредено. Засега нема инфромации дали некој ќе остане. Ова го соопшти директорот на АНВ, Виктор Димовски на денешната прес конференција, по повод две годишнината од постоењето.

На средбата со новинарите тој откри и уште неколку активности кои успеале да ги реализираат.

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) го открила кртот и лицата кои ја објавиле информацијата на социјалните мрежи, во која се предупредува за бегство на Орце Камчев врз основа на која бизнисменот заврши во притвор. Овие информации и докази се процесуирани во  Јавното обвинителството, за да се расчисти случајот и да се поднесат соодветни обвиненија со цел во иднина да не протекуваат во јавноста строго доверливи информации.

Овој случај според директорот на АНБ, Виктор Димовски е чист и постапено е согласно овластувањата на Агенцијата за национална безбедност.
– Се е документирано, и презентирано пред собраниската комисија, која немаше никакви забелешки и се увери дека се е законски. Комисијата за надзор над работата на безбедносно-разузнавачките служби, на чело со пратеникот Љупчо Пренџов  на подолга средба во април годинава ги разгледа дите документи и аргументи , а состанокот  заврши без неодговорени прашања – вели директорот Димовски.

Одбраната на Камчев обвинуваше дека белешката е незаконска, затоа што АНБ немала надлежност да го следи бизнисменот кој не бил закана за националната безбедност. Во документот што протече во јавноста се наведуваше дека Камчев, со своја пријателка, престојувал во комплексот „Аурора“ кај Берово во февруари годинава, каде оставарил средба со припадник на странска служба за безбедност, на која било разговарано за реализација на намерата за негово бегство во Бугарија
Од АНБ велат дека постапиле по своите изворни надлежности, меѓу кои и спротивставување на разузнавачки активности на други држави на територијата на Северна Македонија, но не откриваат дали Камчев или припадникот на странска разузнавачка служба бил цел на следење, активност од која произлегла информацијата по која бизнисменот заврши во притвор.

Првиот човек на Агенцијата за Национална Безбедност, Виктор Димовски, безбедносната состојба во земјава ја оцени како стабилна и информираше за две успешни акции – во септември и декември минатата година, кога е уапсена група на подрачјето на Куманово и Скопје кај која е пронајдено поголемо количество оружје како и самоубиствени појаси со експлозив, што е раритет на таков вид убојно средство во Европа. И акцијата во селото Србица, Кичевско каде што сe пронајдени експлозивни материјали и импровизиран полигон за вежбање. И кај двете акции инволвираните се уапсени и кривично процесуирани. Димовски ја спомена и акцијата во која биле откриени четири групи кои издавале лажни  Пи Си Ар тестови во државава.

Според АНБ во терористичаката организација ИСИЛ и на блискоисточните боишта има 160 наши граѓани, од кои 60 загинале, а 90 се лоцирани и процесуирани дел во затворите во земјите од Блискиот исток, а тие што се вратени се процесуирани во нашите судови. Повратниците од ИСИЛ и нивните семејства се под присмотра на АНБ, но и под социјално рехабилитационен третман на останатите соодветни служби и институтции.

Агенцијата за Национална Безбедност на двегодишниот јубилеј  ги претстави новите ознаки и обележја на службата кои претставуваат службени легитимации на вработените.


Агенцијата деновиве во Скопје е домаќин на директорите на безбедносните служби на триесетина европски земји. Се разговара за предизвиците во работата на службите во услови на ковид-пандемија

Агенцијата за национална безбедност беше формирана на 1 септември 2019 година, како наследничка на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), кога со своевиден ветинг од над 800 вработени во новата агенција беа селектирани околу 300 лица.

Од Агенцијата информираа дека речиси целосно го усогласиле своето работење и интерната регулатива со новото законодавство. Сепак, АНБ засега уште не е физички одвоена од МВР, како што се препорачуваше во извештајот на Прибе. Тоа поради финансиските средства пренасочени во борбата против ковид пандемијата се очекува да биде реализирано догодина кога ќе се преселат во новите простории на „Македонија табак“

Столе Наумов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1