ММС

Објавено на: 08/31/21 6:31 PM

Пожарот на Галичица од албанска страна би можел да навлезе на наша територија, предупредува ЦУК

Постои можност пожарот на Галичица да се спушти кон пониските делови на планината и да ја загрози високата шума од страната на Преспанското и Охридското езеро, информира Центарот за управување со кризи.

-Во моментов се враќаме од хеликоптерско извидување на пожарот кој во текот на денешниот ден се појави на сртот на планината Галичица, а кој се уште гори во граничниот појас на територијата на Албанија со голема веројатност во текот на ноќта да навлезе и на наша територија, соопшти попладнево ЦУК.

Карактеристично за овој пожар, според ЦУК,  е силната експлозија што се слушнала попладнево, а за која се претпоставува дека е предизвикана од активирање на огнот, експлозивна направа, мина или друг вид експлозивно средство, остаток од борбите што се воделе на ова подрачје во балканските или Првата светска војна.

Од Главниот штаб за управување со кризи велат дека дополнително ќе одлучат на кој начин ќе се гасне овој пожар, ставајќи ја на прво место безбедноста на екипажот на хеликоптерите и безбедноста на луѓето кои ќе учествуваат во гаснењето на пожарот од земја.

Врвот Магаро и неговата околина во моментов не се безбедни за искачување, велат од ЦУК.

Пожарот започна на планината Галичица, на албанската територија. Екипите на Националниот парк „Галичица” и граничната полиција се на терен. Според информациите на РЦУК Охрид, пожарот со помош на ветерот преминал на македонска територија кај граничен камен F-9.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1