ММС

Објавено на: 08/31/21 5:15 PM

Во Авганистан на секои пет часа е убивано или останало инвалид по едно дете

Во последните 20 години во Авганистан се убиени или останале инвалиди речиси 33.000 деца, што е во просек едно настрадано дете на секои пет часа, објави денес организацијата „Спасете ги децата“ (Save the Children), пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Бројките се катастрофален увид во смртоносните последици од војната за децата“, велат од лондонската група.

Се наведува дека вистинскиот број на жртви во конфликтот најверојатно ќе биде многу поголем од проценетите 32.945, бидејќи овој број не ги вклучува децата кои во тоа време починале од глад, сиромаштија и болести.

Организацијата рече дека речиси половина од авганистанското население – вклучително и речиси 10 милиони деца – има потреба од хуманитарна помош поради сушата, третиот бран на пандемијата на Ковид-19 и судирите што ја туркаа земјата подлабоко во криза.

Половина од децата на возраст под пет години се очекува да страдаат од акутна неухранетост оваа година, предупредува „Спасете ги децата“.

Доцна синоќа, непосредно пред истекот на рокот, последниот конвој американски сили го напушти Авганистан, а припадниците на талибанското движење, кое го освои Кабул на 15 август, го прославија заминувањето на странските сили од главниот град со огномет и истрели во воздух.

„Додека последните воени авиони полетуваат од Кабул денес, тажната вистина е дека, заедно со авионите, меѓународната поддршка и вниманието што Авганистан ги доби во последните недели, најверојатно, ќе исчезне. Но, како што остатокот од светот продолжува понатаму, милиони авганистански деца ќе легнат гладни, тажни и несигурни за иднината“, изјави Хасан Нур, регионален директор на организацијата „Спасете ги децата“ за Азија.

Официјален претставник на „Спасете ги децата“ повика на итна поддршка за децата во Авганистан.

„Со храна, чиста вода, засолниште, образование – ако тоа не се случи, напорите во последните 20 години навистина ќе бидат залудни. Децата и нивните семејства во Авганистан се соочуваат со суша, пандемии и сурови зими и нема време да чекаат“, предупреди Нур.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1