ММС

Објавено на: 08/31/21 2:54 PM

Авганистанците во хотел пречекани со локум, а ќе добијат и десет лаптопи и интернет пристап

Првата група од 149 граѓани на Авганистан синоќа пристигна на Меѓународниот аеродром во Скопје. Од моментот на пристигнувањето, тимови на Министерствата за здравство и внатрешни работи и екипи на Црвениот крст се постојано ангажирани за да им помогнат на овие граѓани, кои беа животно загрозени од талибанските структури, да се чувствуваат безбедно и пријатно во Северна Македонија.

Волонтерите на Црвениот крст им поделија пакети со вода, заштитна маска, средство за дезинфекција, маски, основни хигиенски производи, облека како и флаери за мерките во нашата држава поврзани со КОВИД-19 вирусот.

„Во хотелот им беа дистрибуирани пакети за добредојде со дополнителни количини маски, средства за дезинфекција, инфо материјали за градот Скопје, мапа на град Скопје, евидентни листови за посебни барања во однос на здравствената состојба, картички со телефони на Црвениот крст за итни состојби и кутија локум“, соопштија од Владата.

Црвениот крст во хотелот „Белви“ каде што се сместени Авганистанците, има 30 дежурни лица волонтери организирани во три смени. Волонтерите учествуваат во подготовка на детско катче и подготовка на инфо катче со десет лаптопи и интернет пристап, а ќе се грижат и за дистрибуција на дополнителни средства за хигиена, облека, обувки. Ќе бидат вклучени во активности  за спојување на семејствата, и за да пружат медицинска заштита во однос на лекови за хронична терапија. По барање и потреба на граѓаните на располагање има и психолог.

Синоќа екипи на Итната медицинска помош синоќа згрижија трудница која е однесена на Клиниката за гинекологија и акушерство. Таа денеска се породи и заедно со бебето е во добра состојба.

Во друг случај е укажана помош на жена која колабирала при слегување од авионот и таа е во стабилна состојба и се чувствува добро. Во текот на наредните денови заедно со ПЦР тестовите  ќе се направат и прегледите за проценка на здравствената состојба на граѓаните од Авганистан. Планирани се интернистички прегледи за повозрасните и педијатриски преглед за децата. Министерството за здравство ќе обезбеди ПЦР тест и можност за вакцина.

Од МВР соопштија дека по завршувањето на граничните процедури на лицата им е издадена виза за престој во времетраење од 90 дена.

Владата презеде обврска да обезбеди привремен престој на 780 граѓани на Авганистан, вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.

Трошоците за превоз до Северна Македонија и за сместување на овие граѓани ги покриваат меѓународните организации и САД.

О.К.

фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1