ММС

Објавено на: 08/31/21 1:56 PM

Светскиот кошаркарски шампион Шпанија доаѓа во Скопје – Капитенот Војдан Стојановски оптимист за мундијалските квалификации

Македонската кошаркарска репрезентација ги доби Шпанија, Грузија и Украина за противници во квалификациите за Светското првенство. Од првата фаза која се игра во ноември, февруари и јуни, ќе продолжат првите три репрезентации.

Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски е оптимист кога станува збор за шансите во квалификациите за Мундобаскетот

Капитенот на македонската репрезентација Војдан Стојановски е оптимист кога станува збор за шансите на нашиот национален тим во квалификациите за Светското првенство.

„Мислам дека не сме без шанси во оваа група. Од противниците, само Украина ќе биде комплетна, додека за Шпанија и Грузија нема да играат најдобрите кошаркари. Веројатно Украинците ќе ни бидат ривал за третото место. Таму полека се враќа популарноста на кошарката, домашната лига е се посилна, но сметам дека можеме да парираме и да ги победиме. Клучно ќе биде со кого играме во јунскиот прозорец бидејќи тогаш на располагање ќе бидат и евролигашките и НБА играчите“- коментира Стојановски по ждрепката во Меи.

Македонската кошаркарска репрезентација попладнево со жрепка во седиштето на Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) во Меи ги дозна противниците за својот премиерен настап во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2023 година.

Ждрепката одлучи македонските кошаркари во првата фаза од квалификациите да играат во групата Г против Шпанија, Украина и Грузија. Македонија на 26 ноември ќе ги отвори квалификациите против Шпанија на домашен терен.

Преостанатите седум квалификациски групи ги сочинуваат:

Група А – Србија, Летонија, Белгија, Словачка.

Група Б – Грција, Турција, Велика Британија, Белорусија.

Група Ц – Словенија, Хрватска, Финска, Шведска.

Група Д – Германија, Полска, Израел, Естонија.

Група Е – Франција, Црна Гора, Унгарија, Португалија.

Група Ф – Литванија, Чешка, БиХ, Бугарија.

Група Х – Италија, Русија, Холандија, Исланд.

Квалификациите ќе стартуваат во ноември оваа година, а ќе финишираат во февруари догодина.

Трите првопласирани репрезентации ќе ги продолжат квалификациите во вториот круг пренесувајќи ги резултатите постигнати во првиот круг.

Во вториот дел од мундијалските квалификации ќе бидат формирани нови четири групи со по шест репрезентации, од кои по три првопласирани ќе изборат пласман на Светското првенство, што од 25 август до 10 септември идната година ќе се одржи во Јапонија, Индонезија и Филипини.

 

О.К.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1