ММС

Објавено на: 08/31/21 11:56 AM

Ја враќаме среќата на децата и наставниците, рече Мила Царовска ден пред стартот на учебната година

На денешната прес конференција при посетата на ООУ „Лирија“ во Чаир министерката Мила Царовска истакна дека образовниот процес мора да продолжи и во време на пандемија, а со физичкото присуство ќе им се врати среќата на децата.

-Драго ми е што при посетата на голем број на училишта во овој период може да се констатира дека училиштата се подготвени за сите сценарија за учење кое што треба да се спроведе во учебната 2021/2022 година. Нашата одлука за започнување со физичко присуство на Владата по препорака на Комисијата за заразни болести е во интерес на децата, на учениците. Затоа што наставата со физичко присуство нема замена, не само заради процесот на учење, туку и заради процесот на социјализација и заради заштита на менталното здравје на нашите деца. Сите ние сме родители и сите ние бевме сведоци дека нашите деца учеа во минатата учебна година, но бевме сведоци и дека им недостасуваа другарчињата, наставничките и токму таа среќа ја враќаме во очите на децата. Ја враќаме среќата и на наставниците, затоа што тие не се целосни доколку не се во училница, не се со своите ученици и не го пренесуваат најдоброто знаење кое што го имаат затоа што тие ги создаваат генерациите кои што треба да ја водат државата, рече министерката Царовска.

Министерката на еден ден пред новата учебна година, им посака пред се среќа на сите ученици, среќа на сите наставници, но и препорача да се почитуваат протоколите доследно.

-Учењето со физичко присуство е предизвик во време на пандемија, но минатата година како држава, како Влада, како министерство, како општини, покажавме дека можеме и дека знаеме да ги почитуваме протоколите, и немаше ниту еден случај на интерна трансмисија. Очекувам и оваа година да биде така. Бројките ќе паѓаат и ќе се зголемуваат, тоа е период на пандемија и сите сме тука не затоа што сакаме, туку затоа што мораме, но образовниот процес мора да продолжи и во време на пандемија. Од една страна ќе го штитиме образовниот процес, од друга страна имаме обврска да го заштитиме јавното здравје и гледам дека сме подготвени за истото истакна Царовска.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1