ММС

Објавено на: 08/30/21 10:16 AM

„На свадба бев со сертификат од дечко ми“ – Не ги заобиколувајте мерките, од Влада велат  и редарот може да бара лична карта

Не може толку мерки за заштита од коронавирусот Владата да донесе колку што може граѓаните да пронајдат начини да ги заобиколат ако се работи за настан од „животно значење“ какви што се свадбите, шопингот и одморите.

Угостителите и трговците од пред десетина дена ги практикуваат новите поригорозни мерки за влез во објекти кои ги донесе владиниот кризен штаб, односно смеат да ги пуштат само оние што се вакцинирани со најмалку прва доза вакцина или пак прележале Ковид-19 во последните 45 дена сметајќи од денот на оздравувањето за полнолетни лица, без оглед на капацитетот и бројот на присутни гости.

Ова значеше и „мислење“ на иновативни решенија за влез во објектите, па дел од угостителите замижуваат кога некој од гостите ќе ги замоли да влезе без вакцинален сертификат, а некои менаџери им советуваат на гостите да си најдат сертификат од друго лице, само за да го имаат при себе.

– Бевме викендов на свадба на отворено. Менаџерот на ресторанот преку младоженците им порачал на сите гости кои не се вакцинирани, да си најдат туѓ сертификат или потврда за прележан ковид-19. Јас земав вакцинален сертификат од моето момче и кога стигнавме во ресторанот, никој воопшто не не провери на врата. За влез во кафулињата не покажуваш ништо, туку само им велиш дека си вакциниран – истакна гостинка на свадба чиј идентитет и е познат на редакцијата.

Во дел од кафулињата, гостите влегуваат со слика од вакцинален код на друго лице, а никој од редарите не ги легитимира гостите со што се злоупотребува мерката на штета на вакцинираните лица или на штета на оние кои прележале ковид-19 пред периодот од 45 дена.

-Со друштво бевме во едно кафуле, каде само не прашаа дали сме вакцинирани и имаме ли сертификат, без да ни го побараат да го проверат. По некој ден, во еден скопски ресторан, пак, ни бараа да ги покажеме сертификатите. Секако ги покажавме, веродостојни се сертификатите, сите што седевме бевме вакцинирани. Но, кога келнерката ја прашавме како знаеш дека се наши и дека не се лажни, таа ни рече: „Моја должност е да ви побарам сертификат и да видам дека го имате. Толку“, вели наша читателка за нејзиното искуство.

Граѓаните и угостителите не се информирани дека според Законот за лични податоци и редарите имаат право да побараат лична карта ако се посомневаат во сертификатот и во возраста, а не само полициските службеници. Ова за ММС го потврдија од Владата кога прашавме како ќе се решат овие организациски пропусти при практикувањето на мерките за заштита од коронавирусот.

„Сакаме да укажеме дека инспекторите при вршењето на инспекцискиот надзор преку редарите од приватна лиценцирана агенција за обезбедување имаат овластување да легитимираат ако со приватниот субјект имаат склучено договор, ваква надлежност имаат и службениците од Министерството за внатрешни работи. Со скенирање на кодот веднаш се потврдува дали сертификатот  е веродостоен. И личната карта служи за потврда на легитимноста. Право да побараат лична карта имаат редарите доколку се посомневаат во сертификатот и во возраста-не е спорно според Законот за лични податоци“, велат од Владата.

И социјалните мрежи вријат со понуди за лажни тестови, сертификати и се што ви треба за да одите на шопинг и на одмор, но не и за да бидете заштитени од коронавирусот, што е крајна цела и на владините мерки преку кои треба да се  зголеми бројот на вакцинирани лица.

На социјалната мрежа Твитер имаше објава дека за 300 евра може да се добие вакцинален сертификат со вистински дигитален код кој ќе ги содржи вистинските податоци на тој што плаќа, а наводно го изработуваат луѓе кои имаат пристап до кодовите.

По социјалните мрежи се појавија и информации дека наводно во Врање може да се добие сертификат за само 150 евра.

Орце Костов

Фото: Вангел Тануровски

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1