ММС

Објавено на: 08/30/21 3:23 PM

Седум километри во Тетово побрзо се поминуваат со велосипед отколку со автобус- Кој да го среди сообраќајниот хаос за да функционира градскиот превоз

Една недела петте градски автобуси бесплатно превезуваат патници од Автобуската станица Тетово до Универизтетот на Југоисточна Европа и назад. Се работи за промотивен период, во кој како што велат од градските власти конкретно на терен ќе се направи увид како функционира превозот, кој тие за прв пат го воведуваат во градот, кои се недостатоците и кои се решенијата за нивно остранување, со  цел нормално одвивање на овој најефтин и најпрактичен сообраќај.

Просечно кога нема големи гужви една градска обиколка со автобус од Автобуската станица до Штуловиот Универзитет и назад  трае над дваесетина минути, а се работи околу 7 километри. Колку за споредба оваа делница со велосипед се поминува за околу 15 минути. Гужвите и паркираните возила по булеварите „Маршал Тито“ и „Илиндеска“ си го прават своето, па автобусот во неколку наврати заглавува во сообраќајот, а тоа чини подолго патување на патниците.

По повеќе од едно децениско ветување на градските власти, тетовци велат дека конечно градскиот превоз го имаме по улиците низ Тетово, а тоа нашиот град со над 100 000 жители и со два универзитети го заслужува.

-Добра работа одлично, неколку пати се возев со автобусите кои се супер модерни, клима, лесни релации, булеварите се прави, одлично градско возење. Но, проблем има со гужвите, се надеваме дека овој проблем со тек на времето ќе се реши , со цел да имаме побрз проток на сообраќај, а со тоа и луѓето да се одвикнат од возење на автомобилите и се почесто да го користат градскиот превоз, кој е најефтин и најеколошки, истакна една жителка на Тетово.

Експертите велат дека проблемите или поконкретно гужвите на кои наидуваат градските автобуси беа очекувани. Потребни се решенија на кои треба да им се пријде со план и од страна на повеќе институции.

-Градскиот превоз е комплексна ситуација особено во Тетово, каде во секој случај добро е што се воведе. На почеток ќе се видат недостатоците, ќе се остранат и така чекор по чекор да се решаваат проблемите. Мора да се најдат решенија за побрз проток на сообраќај, кој на моменти заглавува поради паркираните возила. На тие возила треба да им се најде паркинг места, мора да има повеќе гаражи низ градот. Треба да се реши проблемот и со големиот прилив на возила во градот, иако голем дел од нив транзитираат. Треба да се најде некое сообраќајно решение на пример некоја обиколница за да се избегнат гужвите, кои доаѓаат од Јажинце, Гостивар и Скопје, вели професорот по сообраќај Зоран Ѓорѓески.

Тој смета дека градските власти треба да работат на обезбедување на доволно површини за развој на велосипедски и пешачки патеки.

-Тетово е одлично место за користење на велосипедот, но и пешачењето ако сакаме да стигнеме до одредена дестинација, затоа што практично градот и вертикално и хоризонтално има мали димензии, односно неколку километри, додаде професорот Ѓорѓески.

Од Општина Тетово велат дека градскиот превоз е вистински предизвик, свесни се за неколкуте проблеми, но, велат дека и за нив ќе има решенија.

-Градскиот превоз сега функционира како во промотивен период, но од 1 септември тој ќе се обраќа во сите предвидени релации и ќе има билети за продавање и слично. За нормално функционирање на градскиот превооз ќе бидат вклучени повеќе институции, се разбира и полицијата, со цел растеретување на сообраќајот и нормален проток, каде ќе се движат автобусите особено ослободување на делниците каде ќе застануваат автобусите, рече Беким Мемети претседател на советот на Општина Тетово.

Но во пракса барем засега ништо не се случува. Се уште кај автобуските постројки нема информативни табли, за да се информираат тетовци кои се линииите, кога ќе поминуваат автобусите, односно возниот ред, ниту пак каде можат да се купат билети.

Зоран Димовски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1