ММС

Објавено на: 08/28/21 8:46 PM

Првите апарати за локалните избори пристигнуваат идната недела, најави Даштевски

Кон крајот на следната недела се очекуваат да пристигнат првите уреди за биометриска идентификација на гласачите, а во понеделник во земјава треба да пристигнат инженерите од Германија, изјави вечерва претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски.

Во централниот дневник на телевизија „Сител”, Даштевски рече дека првите апарати требало веќе да стигнат, но оти се работи за процедури поврзани со документацијата.

– Тоа се 200 уреди кои ќе служат за обука на оние кои ќе управуваат со нив. Во понеделник доаѓаат инженерите од Германија, рече Даштевски, додавајќи дека откако ДИК ќе го донесе упатството за употреба и управување со апаратите, ќе започне едукацијата на избирачките одбори.

Апаратите, како што појасни, се специфични и гласањето ќе се одвива така што првично се става исправата за лична идентификација (лична карта или пасош) по што на екран излегуваат личните податоци за лицето. Со ставањето на прст, апаратот покажува дали лицето веќе има гласано. Ако веќе гласало, ќе свети црвено светло, а доколку не гласало, ќе свети зелено светло. Во случај кога лицето не е на вистинското избирачко место, на апаратот ќе се покаже жолто светло и информација на кое избирачко место треба да се упати гласачот.

– Во техничката спецификација за набавка ставивме дека апаратот треба да има и звучен сигнал, рече Даштевски.

Тој се надева дека со овој модел на гласање ќе се стави крај на сите незадоволства што се јавуваат по изборите и непризнавање на изборните процеси.

Во однос на кандидатските листи, Даштевски информира дека досега до ДИК се поднесени 15 листи за независни кандидати за градоначалници, а во тек е собирањето на потписи за уште 18 кандидати. За советите има 42 листи за советници кои веќе се собрани, а во тек се уште 24.

Во Избирачкиот список досега се направени 7.054 проверки. Има 16 барања за запишување во Избирачкиот список, 28 барања за бришење на податоците и пет барања за измена на податоците, при што 20 барања се поднесени електронски.

 

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1