ММС

Објавено на: 08/28/21 4:49 PM

Нашите активности се во насока на обезбедување одржливо рударство преку најсовремени техники, велат од Министерството за економија

По повод 28 август- Денот на рударите во Република Северна Македонија, Министерството за економија го честита празникот на сите рудари.

Рударството е едно од основните гранки за развој на индустријата во една држава, а Северна Македонија, во споредба со својата географска големина, има големо и непроценливо богатство од минерални суровини. Истовремено, овој важен стопански сектор, како и придружните што го опслужуваат овој комплекс, во нашата земја, бројат над 10.000 вработени, велат од Министерството за економија.

-Затоа, особено значајно ни е оваа гранка да се развива во насока да обезбеди економски раст за државата, но и перспективно да влијае врз секој сегмент на општеството.
Во таа насока, Mинистерството за економија изработи измени на Законот за минерални суровини кои ги достави до Собранието на Република Северна Македонија за усвојување, а кои ќе придонесат кон одржлив развој на рударството,заштита на животната средина и безбедноста при работата. Исто така, започна со подготвителни активности за изработка на повеќегодишна Стратегија за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини и обновување на техничките нормативи кои важат за пооделни области при изведување на рударските работи, стои во соопштението на министерството.

Со овие активности заложба на Министерството за економија и на Владата е да озбезбеди одржливо рударство, преку користење на најдобрите и најсовремените техники во оваа индустриска гранка, а влијанието врз животната средина и здравјето на луѓето да се сведе на минимум.

Оваа година, традиционалната прослава по повод Денот на рударите, која ја организираше Министерството за економија нема да се одржи заради епидемијата предизвикана од вирусот COVID-19. На сите рудари Министерството за економија им посака добро здравје, мир и благосостојба.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1