ММС

Објавено на: 08/28/21 4:14 PM

(ВИДЕО) Пукна „петарда“ на „Етихад“, Арсенал уште еднаш посрамотен во Премиер Лигата

По поразот од Челзи на домашен терен во градското дерби минатата седмица и поразот во воведното коло од доскорашниот второлигаш Брентфорд, мизеријата на Микел Артета и Арсенал во Премиер Лигата продолжува.

Овојпат Манчестер Сити беше тој што им одржа лекција на „топџиите“ кои со 5:0 беа посрамотени поплаеднево на стадионот „Етихад“ од актуелните прваци. Веќе во првите десеттина минути ситуацијата на теренот беше и повеќе од јасна. Илкај Гундоган со глава во седмата и неколку моменти подоцна Феран Торес по ужасната грешка на задната линија на Арсенал, му донесоа водство од 2:0 на Манчестер Сити во она што барем на хартија требаше да претставува дерби на колото.

Неразумниот старт на Гранит Џака во 35-тата минута, го натера главниот арбитар Мартин Еткисон да го испрати Швајцарецот на „прерано туширање“. Габриел Жесус на асистенција од Џек Грилиш, ја потврди само убедливата претстава во првиот дел од натпреварот. Во второто полувреме „граѓаните“ преку Родри во 53-та минута и Феран Торес во 84-та минута, го поставија конечниот резултат и уште еднаш го посрамотија ривалот во лигашки директен дуел.

 

Арсенал сега со девет примени погодоци, ниту еден постигнат и ниту еден заработен бод, се наоѓа на дното во Премиер Лигата по три одиграни кола. Победата на Манчестер Сити пак, го искачи на третата позиција на табелата, но со еден меч повеќе од конкурентите на самиот врв.

 

 

[д.ј.]

Фото:

Twitter /@Squawka

Twitter

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1