ММС

Објавено на: 08/28/21 8:25 AM

Да се овозможат онлајн игри на среќа, бараат од Асоцијацијата на спортски обложувалници

 Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) информира дека со новите ковид мерки, со кои за влез во спортска обложувалница се бара сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид во последните 45 дена, драстично е опаднат прометот, според проценките на членките на АСОМ за речиси 50% што директно значи и намален приход во државниот буџет. Со ова е загрозен опстанокот на оваа стопанска гранка и во прашање се доведени работните места на повеќе од 3.500 директно вработени во спортските обложувалници и преку 50.000 вработени во други дејности што зависат од работењето на обложувалниците.

 

-Со оглед на лошите финансиски резултати од работењето кои ги бележат членките, а предизвикани од новите ковид мерки бараме Владата и Комисијата за заразни болести да направат итна промена на мерките за спортските обложувалници, односно тие да бидат изземени од објектите во кои при влез задолжително треба да се поседува и прикаже сертификат за вакцинација или тест за прележан ковид во последните 45 дена. Во спротивно, бараме итно носење на економски мерки за помош со кои би се помогнало на спортските обложувалници, но и на сите други субјетки кои се соочуваат со истиот проблем, а во насока на поддршка за одржливост на бизнисот и зачувување на работните места, информираат од АСОМ и додаваат:

„Ние како Асоцијација и сите наши членки даваме целосна поддршка на Владата во напорите да се спроведе што помасовна имунизација на населението. Веруваме дека вакцинацијата е најдобриот начин што поскоро да се излезе од кризата, да се стабилизира економијата и да продолжат инвестиции и развој во стопанството. Но до тогаш, не смееме да дозволиме да решавајќи еден проблем, отвориме низа други кои дополнително ја дестабилизираат економијата и бизнисот“. – велат од АСОМ.

Од таму и повторно апелираа Владата итно да овозможи он-лајн игри на среќа преку домашните лиценцирани приредувачи кое дополнително ќе придонесе кон поголема безбедност за играчите и ќе помогне во одржување на дејноста која има силен социо-економски придонес во државната економија. Воведувањето на он-лајн игрите на среќа преку домашните лиценцирани приредувачи ќе значи уште поголем прилив во државниот буџет и повеќе  средства кои понатаму се вложуваат во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1