ММС

Објавено на: 08/27/21 2:54 PM

Мојата прва асоцијација за Македонија е Тоше Проески – Хрватот Мирослав Рус награден од „Охрид-фест“ за промоција на музика на Балканот

Мирослав Рус е годинешниот добитник на наградата за промоција на музика на Балканот, што „Охрид-фест“ традиционално ја доделува секоја година. Рус важи за еден од најплодните автори од Хрватска чиишто песни одамна ги поминале границите на неговата земја. Скоро и да не постои пејач со кого овој музичар не соработувал- Здравко Чолиќ, Жељко Бебек, Мишо Ковач, Нина Бадриќ, Црвена јабука, Калиопи, Масимо, Тони Цетински, Нови Фосили, Тајчи.., и секако Тоше Проески. Албумот „Игри без граници“ е најмоќната и најсилната симбиоза на музиката, текстот и гласот.

Во однос на наградата, тој вели дека таа му дава сила да истрае по, како што оценува, немирниот пат на создавањето.

„Наградата ми разбудува и многу сеќавања на земјата од која доаѓаат луѓе кои оставија длабока трага во мојот живот. Самиот Балкан по политички пат спојувал и раздвојувал, но со нашиот музички јазик, живеел само во спојувањата“, додава музичарот.

Прашан која е неговата прва асоцијација кога ќе се спомене Македонија, тој вели дека има толку многу работи и не може да се набројат.

„Понекогаш ми се присторува дека сите ве познавам. Поврзан сум со многу колеги од музичкиот живот, од мојата драга Калиопи па понатаму- со луѓето од духовниот свет, политичари, обичните луѓе…Ја познавам и вашата традиционална музика на која и’ нема рамна на Балканот, кујната ја обожувам, а ја вкусив и срдечноста што ве краси. Сепак, мојата прва асоцијација беше и остана мојата најголема радост во создавањето и една од најголемите таги во животот, Тоше Проески..“, додава Рус.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1